Дебитираше во Евролигата против Уникаха, се стремеше ли да стигнеш до најквалитетната клупска кошарка во Европа?
Уште кога прв пат излегов од Македонија сакав да заиграм во Евролигата кое е најсилното натпреварување во Европа. Претходно имам играно во Еврокуп, но ова е на повисоко ниво и е супер.
Во група сте со со шесткраткиот европски првак ЦСКА Москва, актуелниот шампион Макаби, потоа Малага, Лимож и Цедевита. Кои четири екипи се фаворити за топ 16 фаза?
Главни фаворити се ЦСКА Москва и Макаби, а ние со Уникаха и Лимож ќе се бориме да влеземе во топ 16 фазата што би било голем успех за нас.
Имаш изјавено дека подобро ти е да влегуваш во игра од клупа. Зошто?
Да, ова ми е трета година да соработувам со тренерот Саша Обрадовиќ и секогаш кај него влегувам во игра од клупа. Подобри ми оди така бидејќи гледам и ги анализирам како играат противниците.
Кој беше најдобар во маало помеѓу тебе Дајман и Огнен? Игравте ли како деца еден на еден?
Со Огнен не сме играле многу еден на еден, но со Дамјан да. Некогаш повеќе јас сум победувал, а понекогаш тој. Често пати и немало победник бидејќи многу се каравме на баскет како што е и денес, па тоа знаеше да заврши со рогање на баскетот, љутење и одење дома. Откако играме професионално кошарка не сме имале прилика да играме еден против друг.
Што ќе ни издвоиш од пријателската против НБА шампионот Сан Антонио?
Со Сан Антонио имаше огромна еуфорија, салата беше преполна, а кога победивме чувството беше феноменално. Шампионот на НБА игра на многу повисоко ниво од кошарката што се игра тука во Европа, физички се посилни и играат многу побрзо за разлика од тука. Нема поубаво кога играш против Џинобили, Паркер, Данкан...
Бевте ли уплашени пред мечот и дали после падна заедничка дружба?
Не бевме уплашени, туку возбудени, бидејќи никој од нашата екипа претходно немаше играно против тим од НБА и затоа доста зборувавме околу тоа како ќе биде. По натпреварот бевме на заедничка вечера каде имаше НБА легенди како Дино Раѓа, Дон Нелсон и многу други. До вчера ги гледавме само на ТВ, а сега бевме на заедничка вечера.
Мајкл Џордан или Коби Брајант?
Дефинитивно Мајкл Џордан.
Најдобра петорка во моментов во НБА лигата?
Тим Данкан, Пау Гасол, Леброн Џејмс, Кевин Дјурант и Тони Паркер
Кои се најперспективни млади кошаркари од Македонија?
Има доста перспективни млади играчи кај нас како Горјан Марковски, Љубомир Младеновски, Андреј Магдевски, Николов Кристијан и многу други.
Што ти помина низ глава кога Владо Илиевски ја даде тројката против Литванија? Македонија во финале?
После тројката, си реков дали е можно ова е што се случи во сред Литванија.
На Евробаскетот 2011 четврто место, 2013 21-во, 2015?
За Европското првенство во 2015 година прво треба да ја видиме групата и се надевам дека ќе имаме среќа да не биде многу тешка и за да имаме поголеми шанси за пласман во втората фаза.
На 40 години ќе играш уште, ќе бидеш тренер или ќе држиш кафиќ?
На 40 години нема да играм секако, а што ќе правам појма немам.