По Панчев, Пандев и Ибраими ти си четврт Македонец кој настапува во Серија А, како се почувствува на дебито?
Имав позитивна трема. Се подготвувам цело лето и откако се вратив од Латина почнав веднаш да тренирав. Припремите поминаа одлично, во супер атмосфера и едвај чекав да почне сезоната во Серија А. На првиот меч против Чезена загубивме 1:0, но мечот беше тежок и немав време да се истакнам. Тренерот ме стави да играм за да се обидеме да нападнеме по десната страна. Како и да е, на крајот бев пресреќен што на 22 години дебитирав во италијанското првенство и по целиот тој труд и пожртвуваност во Бари и Латина ми се оствари една од поголемите желби да се вратам во Парма.
Што ти рече Донадони пред да влезеш во 82 минута?
Донадони во тој момент не ми рече ништо, туку неговиот помошник, а тоа беше во следните десетина минута да го дадам на терен најдобро од мене и да трчам многу, бидејќи нема многу време до крај, а ние губевме. Натпреварот беше тензичен, немаше време за тактички објаснувања, најбитно беше да дадеме но гол, но за жал не успеавме.
Те пратија во Кротоне, Фрозиноне, Бари и Латина. Зошто во Италија толку се практикуваат позајмиците?
Се практикуваат многу бидејќи втората и третата лига во Италија се доста добри за младите играчи. Тие сметаат дека младите од странство таму треба да добијат една добра психичка база и во нозете да осетат повеќе натпревари. И дури потоа да се вратиш во Серија А, каде пола грешка чини гол, како што мене ми се случи кога направив грешка со Менез против Милан. Сигурно дека и во Германија и Шпанија се практикува тоа. Може да го прашате и Давид Бабунски дека е претешко веднаш да се стигне до првиот тим во најсилните лиги. Парма има голема школа и лани постигна рекорд со испратени 170 играчи на позајмица, а тоа се нема случено во Италија претходно. Од тие играчи што беа позајмени клубот имаше големи обврски на даноци и се најдоа во тешка ситуација кога беа казнети од УЕФА и мораа да се ослободат од многумина. Парма има спортски центар што развива огромен број на играчи, во младинските школи доаѓаат секој ден на проба. Затоа горд сум што се вратив и што го облеков дресот на Парма.
Тешко ли беше да се вклопиш во сите тие нови средини за кратко време?
Искрено, тешко беше бидејќи не го знаев уште и јазикот, а Италијаните се многу тешки за тоа и не знаат многу англиски за да ти помогнат. Тоа е многу важен факт за млад играч кој доаѓа од надвор. Во тие години бев во пубертет, сакав да излегувам, да се забавувам со другари, ама ако сакаш да стигнеш еден ден до Серија А треба да ги заборавиш тие работи и многу да се жртвуваш. Јас се жртвувам со фамилијата, со пари, имав тешки кризи, бидејќи немојте да мислите дека се цвета во Италија, има и таму тешки моменти кои доаѓаат. Но ете имам едно искуство кое ќе го раскажувам на моите деца. Фрозиноне беше клуб кој ми овозможи полесно да се прилагодам на италијанските услови, потоа отидов во Бари, клуб со голема традиција и потоа заминав во Латина каде направивме една блескава сезона кога стигнавме до финале на плеј-оф, но за жал не успеавме да победиме. Сега во Парма минатата зима го продолжив договорот на уште 4 години, така што сега е во нагорна линија и се е до самиот играч, да го до дадеш тоа што го знаеш, бидејќи за услови нема потреба да се коментира.
Потешко е да се избориш или да го зачуваш првотимскиот статус во Парма?
Да го зачуваш и јас сега тоа го сфатив. До сега мислев дека кога ќе се изборам потоа ќе оди така лесно, но не е така. Прво треба да се избориш и потоа најважно е да го задржиш за еден ден да те памтат како големо име. Бидејќи не оди така да стигнеш до негде и потоа да одиш еден чекор напред, два назад. Моментално сакам многу да напредувам, затоа што фудбалот е многу на тактика, имам извонреден тренер и сега уште се прилагодувам бидејќи прва година ми е и сè уште не ми се верува дека сум во Серија А, но лека полека добро иде.
Што бара најмногу од играчите Роберто Донадони и дали ти даде некои совети по поразот од Милан 4:5?
Немаше ништо посебно, Донадони се однесуваше најпрофесионално, немаше викање бидејќи од грешките се учи фудбалот. Играчи што заработуваат милиони прават основни грешки, тоа ми се случи и мене и тоа ми една поука да останам стабилен и да напредувам. Критиките се дел од животот така што мечот ќе го памтам како добар бидејќи имав можност да играм против Милан и по лошо што направив една грешка што не чинеше доста. Но нема предавање, одиме напред без никаков проблем.
Строго ли е во клубот, смеете ли да шетате навечер?
Има правилници, но кога ќе стигнеш во ваков клуб не ти ја полнат главата што треба да јадеш, треба сам да бидеш свесен. Нормално имаме витаминска исхрана што ни ја овозможува клубот, а инаку надвор од фудбалот Парма е преубав град за да излезеш и да прошеташ со фамилија, нема некои тензии од навивачки групи, како што има во други градови. Инаку Донадони има одличен стручен штаб кои многу добро го разбираат фудбалот, така што се најдов во еден амбиент во кој може да се прилагоди млад играч, но ете имаме неколку лоши резултати и се надевам дека ќе излеземе од оваа мини криза.
Сигурно имаш да раскажеш некоја анегдота со Касано? Познато е дека има незгоден карактер.
Да, Касано е познат со неговите шеги, прв е во соблекувална за такви работи. Инаку има тежок карактер, затворен тип е. Тој работи многу за тимот, прв ќе застане да те заштити, но и прв ќе те искритикува ако погрешиш. Чуден човек е, ама пред се е забавен, а тоа е најважно.
Кој го среди твојот трансфер во Парма? Како се случи операцијата?
Јас играв во Вардар, а тоа го среди Владимир Југовиќ преку еден многу голем пријател Шкумин, исто од менаџерските води и на кој сум многу благодарен и денес што ми го овозможи тој трансфер. Тоа всушност не беше трансфер, туку проба од три дена бидејќи јас имав 17 години. Челниците беа презадоволни и се договоривме многу брзо. Така што Парма не дојде тука да ме купи, туку јас отидов на проба и почнав во кадетите и потоа потпишав пет годишен договор. Прво изиграв шест месеци, па ја чекав лиценцата од тука, потоа играв во Примавера, тоа се младинци и после тоа бев на позајмица. Според мене тоа беше голем отскок што почнав од нула, односно од школата и стигнав до прв тим. Многу играчи доаѓаат во Парма, но слушаат многу муабети за пари и потоа се откажуваат лесно и се враќаат во други лиги. Мојата кариера се случуваше чекор по чекор и од сите тие случувања мене ми се спојуваа коцките и растев на секаква база.
Неодамна се појави информација дека и твојот клуб е осомничен за местење како дел од големиот скандал Калчоскомесе. Се споменува мечот Парма – Асколи 2:0 од 2009 година. Какви беа реакциите? Се уплашивте ли од казни или одземање на бодови?
Не, не се уплашивме. Многу играчи беа казнети и јас кога играв во Бари еден мој голем пријател го казнија со три години суспензија. Се повеќе ги фаќаат и самите фудбалери се издаваат. За среќа мојот клуб не беше вмешан во такво нешто, бидејќи сигурно ќе бев повикан на сослушување. Имаше многу играчи в Италија кои беа приведени во полиција. Инаку за тој меч не сум слушнал и не ме ни интересира. Од тие што се во моментов во Парма никој не дошол да ги испрашува.
На што се должи кризата? Моментално сте на последно место на табелата.
Не можам да барам алиби за кризата, но ете многу фудбалери се повредени како репрезентативецот Палета, Касани...кои се многу искусни. Имаше големи проблеми во клубот, многу играчи си отидоа и се случи смена на генерација. Можеби сето ова е последица на резултатите кои ни се случуваат. Но пак ќе кажам имаме одличен стручен штаб на чело на Донадони, кои многу работат, а имаме и добра атмосфера што е многу важен фактор, така што сите сме свесни за кризата од која веруваме дека ќе излеземе. Јас сум сигурен во тоа бидејќи имаме квалитет, само ни преостанува да имаме поголема самодоверба и да фатиме добра серија на резултати. Се надевам дека нема да испаднеме од лига.
Како стоиш со Креспо?
Креспо е моментално тренер на младинците, а јас кога отидов во Парма беше активен играч. Тоа е голема личност и предобар човек. Кога беше играч ме подучуваше за некои работи во играта и јас и ден денеска се гледам со него во ресторанот каде што јадеме. Можно е тој да ни биде тренер во случај Донадони да си замине. Креспо има оставено голев впечаток во клубот и воопшто во италијанскиот фудбал и денес се уште живее во Парма.
До скоро беше топ голгетер, го бива ли за тренер?
И како тренер е голем стратег. По мечот против Милан тој беше прв кој ми кажа да не се секирам, грешки прават и големите играчи, тоа е составен дел од фудбалот, само напред да гледаш. Ми кажа позитивни зборови што многу ми значеа.
Како ја оценуваш моменталната состојба на репрезентацијата со релативно новиот селектор Бошко Ѓуровски и подмладувањето со играчи?
Имаме супер атмосфера, селекторот е предобар и имаме млада и надежна репрезентација на која и престои иднина. Најважно е да се одржи 80% од оваа репрезентација, бидејќи толкав процент од играчите имаат помеѓу 22 и 25 години, така што со едно 2-3 годишно искуство заедно сигурно ќе се појават резултати. Тоа се виде против Украина кога излеговме со седум играчи со 90`, 91`, 92` годиште, а тоа во денешно време е многу голем ризик за да се изигра меч за квалификации. Се гордеам на тој меч бидејќи покажавме дека му престои една голема иднина на македонскиот фудбал со оваа репрезентација заедно со другите играчи надвор од списокот.
Само ти имаш прилика од репрезентација да играш во Италија против Хамшик од Наполи. Твој совет како да се сопре најдобриот репрезентативец на Словачка?
Знаеме дека Хамшик е голем играч кој игра во голем клуб, кој играше заедно со Пандев. Јас се знам лично со него, бидејќи кога одев кај Горан на гости тие често се дружеа заедно. Немам што да кажам посебно, сме играле и против други репрезентации кои имаат поединци, така што треба да ја гледаме нашата репрезентација и да излеземе храбро, а поединците може и да не излезат на виделина.
Еден човек фластер или двајца на него?
Двајца подобро.
Растура со италијанскиот, а ги поздрави навивачите на Парма и на македонски.