То е.

Речник на димсицизми

Можеби и не е најправедно овие зборови да ги наречеме според оној од кого прв пат сме ги слушнале. Ама и Шекспир сигурно не ги измислил самиот сите оние кои му се припишуваат. 

Освен тоа, не е само до зборот, туку и до контекстот во кој тој се става/клава, за во соживот со соодветната лингвистичка околина да го добие својот вистински авторски белег. Тоа во книжевноста би се викало поезија, а во „обичниот" говор едноставно - убав муабет.

Еве еден краток список на „димсицизми", зборови и изрази на другар ни Димса битолчанецот и неговото/нашето друштво, кој можете да го дополнувате со зборови и изрази карактеристични за вашето, со објаснување на светогледот кој стои зад нив.

***

цут - прво скалило на градација на арност. Може да е личност, кафана, идеја или песна. Согласноста за тоа што е цут а што не е, во етичка и во естетска смисла, претставува оска на разбирачката помеѓу членовите на групата. Еднаш прогласеното за „цут" се детронизира само со консензус на нејзините членови. Или по упорно инсистирање на најгласниот.

Следни степени на градација на квалитет на „цуто“:

камен
срча
џам
стакло
мраз

Земјата се треси - за разлика од претходните, овој термин повлекува голема одговорност околу оправданоста на неговата употреба, бидејќи личниот и групниот критериум за тоа што е земјотресачко е крајно строг и изострен.

oсвежи, свежна - десен мозочен клик. наплив на тазе ментална енергија, поттикната од некакво откритие или информација. во својот најчист облик вид „сатори“ или просветлување.

збучено - хронична или акутна тензична ситуација, во која когнитивните способности на учесниците не секогаш гарантираат успешна разрешница. може да се користи и за опис на сопствената притиснатост од неповолни емоционални и други околности, како во „се бучам“ или „збучен сум“.

матно, матнилеж - хронична или акутна нејасна ситуација, која може но и не мора да подразбира тензичност. дијагнозата на „матност" истата ја одредува како интересна за набљудување и коментирање. може да се користи и за опис на сопствена неодлучност, како во „се матам".

небитно - неконструктивен вишок информации кои одземаат ментална и емоционална енергија. се користи и како алатка за самокорекција при обиди за предолги и преопширни дигресии од некоја тема, кога со изговарање на формулата „небитно" говорникот сам се враќа на точката каде муабетот не ни морал да скршне.

(нешто од) ласиче - скапоцен, редок предмет или состојка на граница на алхемија и перверзија. слично со поархаичното, но многу побенингно „јајце од гајгур". 

(за) греој - естетска и етичка категорија која конотира сожалување и/или степен на градација на неквалитет.

пепел - исто што и греој, само без можност за оправање.

го распори - физичка метафора со значење „му укажа на неговите пропусти со таква жестина на аргументите кои не оставија простор за дискусија"

То е. - говорна формула после која не може, а и не треба, да се нудат дополнителни објаснувања и коментари. после нејзино изговарање обичај е малку да се поќути, а потоа да се смени темата.

18 февруари 2014 - 14:05