Ниту една држава која организирала големо натпреварување не се пофалила со голем профит по завршувањето, ниту пак тие виделе некако ќар од сите градби кои биле изградени за тие потреби.
Но повторно сите сакаат да организираат еден ваков настан и трошат милиони уште при подготовките на кандидатурите.
Бразил ќе потроши 3,5 милијарди долари само за иградба на стадиони за потребите на Светското првенство, а дел од овие градби нема ни да се употребуваат по завршувањето на Мундијалот.
Таков е примерот со градот Манаус кој нема фудбалски тим во првата, ниту пак во втората бразилска лига, а таму се гради стадион со капацитет за 44.000 гледачи. Токму затоа локалните власти предложија овој стадион по завршувањето на првенството да се претвори во затвор.
Градовите кои биле домаќини на Олимписки игри секогаш имаат проблем со искористувањето на градбите по завршувањето на настаните, па некои од скапуваат и се распаѓаат со текот на времето.
Сега му е редот на Бразил каде ќе се организира Светското првенство следната година, а во 2016-та година таму ќе одржат и Олимписките игри.
„Светското првенство во Бразил се смета за забава. Една забава не се организира за да се збогатиш, туку за да ти биде забавно. Но на Бразилците им пречи тоа што државата организира екстравагантна забава во држава каде милиони луѓе немаат покрив над главата, немаат струја, ниту лекување. Затоа и се одржуваа протестите", вели новинарот Сајмон Купер.
Во минатото се правеле многу истражувања за среќата кај народот и поврзаноста со спортските натпреварувања. Резултатите од овие истражувања велат дека луѓето не се многу посреќни ако нивната репрезентација победува, но постои некаква корелација помеѓу среќата и организирањето на Светските првенства.
Сајмон Купер во својата книга Soccernomics тврди дека според истражувања спроведени од 1974-та до 2004-та година, по завршувањето на фудбалските првенства, жителите на државите домаќини секогаш се чувствувале посреќни.