Зоки треба и без акредитација да го пуштите на Градски

По половина век работа како спортски новинар и коментатор, Зоран Михајлов дочека да не го пуштат на стадион каде отишол да известува. Немал акредитација за мечот Вардар – Борец. Таа што им ја покажал од АИПС со која има влезено на Ел Класико не важела.

Во првото коло од новата сезона во македонската прва лига, Борец го совлада ослабениот Вардар на гости со 0:1, натпревар кој се одигра без публика пораки коронавирусот.

На стадион каде има 33.000 седишта и ложа за преку 100 новинари, според протоколите биле резервирани само шест новинарски места.

Дојаенот Зоран Михајлов не го пуштиле, ниту со легитимација од АИПС (Светската асоцијација на спортски новинари), со која влегол на Барселона - Реал и Милан - Интер, ниту со онаа од ФФМ. Какви цепаници.

Инаку Михајлов е жива легенда која твори и уште работи како новинар на 75 години и тој е еден од оние ликови кои ги имаат поставено темелите на спортското коментаторство кај нас.

Изминативе години ја води емисијата „Македонски спортски легенди“ на Наша ТВ и пишува колумни за весникот Нова Македонија, а зенитот на кариерата го достигна во Македонската радио телевизија.

Вратарот кој не го пуштил нека го прочита ова:

Зоран Михајлов има известувано од 15 Олимпијади и 13 Светски првенства. Има добиено награда од АИПС, која го вбројува меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, потоа сребрена плакета од Атлетскиот сојуз на Југославија и ордени од Европската боксерска и Светската боречка организација. Дома ги доби наградите „13 Ноември“ и „8 Септември“

Инаку тој како млад бил и државен рекордер и првак на Македонија и Југославија во атлетика.

„Основен спорт ми беше атлетиката, но играв и кошарка, особено кога Лечиќ се врати од школувањето во Белград, а и ракомет со којшто стигнав и до младинската репрезентација на Македонија со освоено трето место на Купот на републиките во Охрид во 1962 година, но атлетиката беше мојот спорт. Тука постигнав и најмногу, од првак на Југославија за младинци на 1500 метри стипл-чез до репрезентацијата на поранешната држава. А бев и капитен на двомечот Југославија-Бугарија во Скопје, којшто се одржа само пет дена пред катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година“.

Минатата година ја промовираше книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“.

3, 2, 1, сега

10 август 2020 - 10:12