Светскиот рекет број 1 стигна до својот 16-ти Гренд Слем трофеј во кариерата, а петти на Вимблдон, откако на најславниот турнир на светот претходно триумфираше во 2011, 2014, 2015 и 2018.
Новак го доби Роџер петти пат по ред и ја зголеми предноста во меѓусебните дуели на 26-22 во триумфи. Интересно, Србинот стана и првиот тенисер после цели 70 години кој го освоил Вимблдон после спасена меч топка (Новак поточно спаси две). Последен пат тоа му успеало на Американецот Боб Фалкенберг во далечната 1948 година.
Во неверојатна борба, Федерер го доби вториот сет на убедлив начин со 6:1, но тоа како да го измотивира Ѓоковиќ да наметне свој ритам.
Последниот, петти сет ќе влезе во историјата како еден од најдраматичните, откако се играше поен за поен а Новак во еден момент спаси меч топка за на крајот да триумфира со 13-12.
На крајот, традиционално, Ѓоковиќ изеде малку од легендарната вимблдонска трева, се заблагодари на своето семејство и својот тим и кажа дека со овој трофеј го остварил сонот од детството.
„Ова е веројатно највозбудливото финале кое некогаш сум го играл, а сигурно меѓу две, три во кариерата, против еден од најголемите тенисери на сите времиња кого многу го почитувам. Јас сум еден од оние кои тој ги инспирира. Реков и претходно, кога бев клинец, кога растев и сонував да бидам тенисер, Вимблдон секогаш беше турнир на кој сакав да се појавам, да играм. Сонував дека ќе бидам овде, а сега на ова место ги делам посебните чувства со син ми и родителите. Сопругата и ќерка ми се дома, им праќам прегратки“, изјави Новак после мечот.
Него од публиката го бодреа татко му и мајка му Срѓан и Дијана со син му Стефан.
Светските медиуми големо внимание обрнуваат и на неверојатниот 38-годишен Федерер кој овогодинешниот Вимблдон го одигра спектакуларно, како во најдобрите денови од кариерата.
Публиката на Вимблдон во поголем дел го бодреше Швајцарецот, а на крајот стоечки овации доби Новак Ѓоковиќ кој дополнително се зацврсти на челната позиција на АТП листата.
Сега вечната Гренд слем листа изгледа вака:
1. Роџер Федерер - 20 трофеи
2. Рафаел Надал - 18 трофеи
3. Новак Ѓоковиќ - 16 трофеи
4. Пит Сампрас - 14
5. Рој Емерсон - 12
6. Род Лејвер - 11
7. Бјорн Борг - 11
8. Били Тиден - 10
Претходно, во женското финале на Вимблдон, Симона Халеп ја прегази Серена Вилијамс со 6:2, 6:2 за само 56 минути.