Повторно истиот проблем со Олимписките игри. Организаторите на Олимписките игри во Лондон ги полнеа празните седишта со војска, а нивните колеги од Сочи ги канат волонтерите за да ги пополнат празните места на помалку популарните натпревари.
Портпаролот на организацискиот комитет, Александра Костерина потврди дека на волонтерите им е понудена „програма за мотивација", односно по одработените часови ќе им бидат подарени влезници за некои натпреварувања.
Од сликите од Сочи можеме да заклучиме дека во борилиштата зјаат празни места, а се претпоставува дека причина за слабата посетеност се стравот од терористичките закани, одалеченоста на некои локации, но и високите трошоци за патување до Сочи и сместување за време на Олимписките игри.
Сепак организаторите тврдат дека 92% од влезниците се продадени, но некои гледачи не доаѓаат на натпреварите. Само на првите два дена од натпреварувањето 4.000 гледачи со купени влезници не се појавиле или доцнеле на случувањата.