Се работи за 28 годишниот Лазар Џукиќ, кој ненадејно испушти душа на сред кросфит натпревар во Тексас и тоа пред да стигне до целта.
CrossFit Games важи за најпрестижно светско кросфит натпреварување кое секоја година се одржува во САД на различни места и на кое е многу тешко за квалификување.
Оваа година од нашиот регион се квалификуваа браќата Лазар и Лука Џукиќ.
Лазар Џукиќ е познато име кога станува збор за светот на CrossFit, еден од најдобрите од Европа. Има неколку импресивни настапи на меѓународната сцена на различни натпревари, со пласман во топ 10 на кросфит игрите во последниве три години.
Тој учествувал во трка која вклучува трчање од 5,6 километри и пливање од 800 метри.
На Твитер има видео на кое се гледа како се мачи да остане на површина на само 100 метри до целта, а потоа исчезнува.
Откако од неговиот тим забележале дека го нема, ги известиле организаторите, кои забележале дека Џукиќ не излегол од вода, по што почнала потрагата.
Полицијата и пожарникарите биле повикани во 8 часот, а телото било пронајдено околу 10.
Неколку присутни велат дека го виделе Џукиќ како се дави, а некои дури се обиделе да влезат да му помогнат, но спасител ги спречил во намерата.
„Имаше неколку од нив, вклучувајќи го и него, кои изгледаа како малку да се мачат со пливањето, што не е толку невообичаено. Некои го менуваа начинот на пливање и може да се каже дека изгледаа уморно. Се сеќавам дека го видов Ѓукиќ акко се загрева со сите други спортисти околу 6:30 часот наутро. Полетаа како топ, како што очекував. Тоа беше трчање од 3,5 милји. Мислам дека повеќето од нив го направија тоа за помалку од 30 минути, што е неверојатно брзо на топол ден“, изјави кросфит ентузијастот Кејтлин Причард која присуствувала на настанот.
За време на четиридневните игри, натпреварувачи од 33 земји се натпреваруваа во различни тренинзи за титулата „Најдобри на Земјата“.
Мисијата на „CrossFit Games“, првпат одржана во 2007 година, е да ги „пронајдат најсилните спортисти во светот“, се вели на веб-страницата „CrossFit“.