Неделната програма на Отец Дејвид ретко се менува. Тој станува рано за да се спреми за утринската служба во храмот на Светото Тројство во Далвич Хил, западно предградие на Сиднеј, а потоа продолжува со проповед ширум населбата.
Напладне тој се враќа на работа во парохијата каде во сала ги тренира бокс младите од крајот. Отец Дејвид го заслужил авторитетот не само како духовен водич, туку и како борец. Отец Дејвид е најстариот професионален боксер во Австралија кој секогаш тренира за следниот противник.
Далвич Хил е предградие на Сиднеј со необични кафетерии и книжарници. Во ’80-те години, Отец Дејвид бил еден од многуте проблематични ликови таму. Хероинот ги косел тинејџерите во населбата, поради што години подоцна свештеникот решил да преземе голем товар на себе и да ги спасува младите од дрогата.
„Населбава се смени, но јас не. Вежбалната која што ја водам смени многу животи овде. Основавме младински центар кој е сигурна куќа, надеж и утеха на оние кои се „симнуваат“ од хероинот. Боксот прави чуда за гневните млади луѓе. Боксот ги менува, им дава братска поврзаност и ги смирува“.
Смит често е редовен гостин во полициските станици и судови за малолетници во Сиднеј. Неговиот збор често е доволно добар за да им се даде втора шанса на тинејџерите. Отецот се сеќава на еден тежок случај кога некој тинејџер бил толку очаен за хероин што кога нашол, го вбризгнал во окото. Центарот често бил единствено сигуно место.
Буџетот на овој центар е заснован на донации кои често недостасуваат. Во 1996. година, кај Отецот дошол некој архиѓакон. „Тој знаеше дека сме во неволја и знаеше колку на овој крај му значи овој центар. Имавме млади работници и немавме доволно пари за да го плаќаме. Тогаш ми понудија професионална борба и му кажав на архиѓаконот дека проблемот е решен“, раскажува Отец Дејвид Смит.
Свештеникот бил сезонски аматерски боксер кој никогаш не влегол во професионалниот ринг. Верувал дека работата на центарот за спас на пропаднатите тинејџери е најважна и облекол боксерски ракавици. Првата професионална борба му била против извесен Џими Пат.
Мечот завршил нерешено и Отец Смит заработил 50.000 долари со кој можел да го сочува центарот отворен. По извесно време му се јавил некој човек и му рекол: „Отец, се јавувам да ви кажам две работи: простете ми за ужасните зборови што ги кажав пред борбата и дозволете да ви кажам, мавате ебено силно“. Тоа бил повик од противникот со кој станале блиски пријатели.
Насилството и зависноста од дрога во крајот исчезнале со развојот на центарот каде младите можеле да го искалат сиот бес и гнев. Вежбалната за тренинзи работи цела недела. Младите често доаѓаат бесни, а после тренинзите заминуваат насмеани и среќни.
„Открив дека боксот успешно ги менува проблематичните луѓе. После борбите толку се смирени што често не гледаат смисла во нови борби. Се сеќавам на еден дечко кој дојде ужасно бесен. Победи три меча со нокаут и ми кажа дека мисли како Бог не сака веќе тој да ги удира луѓето. Никогаш не се врати повеќе, неговиот живот се смени на подобро“, додава најомилениот свештеник во Австралија.
Во февруари годинава, на 54 години, Отец Смит се вратил во професионалниот бокс за да собере пари за разни донации во Сиднеј. После неколку години во аматерскиот бокс, тој сака нови предизвици но тешко му е да најде противник.
„Многу пати е губитничка ситуација ако се борат против мене. Ако ме победат, викаат дека ги зафркавале како нокаутирале стар свештеник. Ако победам, пак ги зафркавале дека ги победил стар свештеник“, заклучува Отец Смит.