Тур де Франс оваа година ќе биде во сенка на Олимписките игри во Лондон на кои велосипедската трка е закажана за само шест дена по финишот во Париз. Тоа беше причина што некои велосипедисти се откажаа од најпознатата трка во светот, но сепак се очекува ова издание на Тур де Франс да биде едно од најинтересните во историјата.
Австралијанецот Кадел Еванс повторно се вбројува помеѓу фаворитите и тој би можел да го искористи отсуството на Енди Шлек заради повреда и суспендираниот Алберто Контадор и да стане првиот велосипедист по Ленс Армстронг што успеал да ја одбрани титулата.
Покрај Еванс, фаворит за врвот е и Британецот Бредли Вигинс од Скај, а од втор план би можеле да се издвои и Френк Шлек, како и победникот од „Џиро д'Италија", Рајдер Хесједал.
Тур де Франс низ бројки:
99 - ова ќе биде 99-то издание на трката и покрај тоа што првото издание беше во 1903-та година. Трката паузираше неколку години заради војни.
8 - секунди разлика за која Грег Лемонд победи пред Лорен Фињон во најнеизвесниот финиш на трката во 1989-та година.
1919 - првата година кога беше воведена жолтата маичка која го означува севкупниот лидер.
1 - бројката резервирана за победникот од минатата година.
10 - најмалиот број на велосипедисти кои ја завршиле трката од 69 кои започнале во 1919 година.
20 - години имал најмладиот победник, Хенри Корнет кој триумфирал во 1904-та година. Најстар е 36-годишниот Фирмин Ламбо кој победил во 1922-та година, а актуелниот освојувач, Кадел Еванс имаше 34 години кога ја освои својата титула.
22 - тимови ќе учествуваат оваа година со вкупно 219 велосипедисти.
44 - велосипедисти од Франција, 21 Шпанци, 18 Холанѓани, 15 Италијанци, 13 Германци, 12 Австралијанци, 8 Американци...
2.300 - новинари од 35 земји се акредитирани за трката која ќе биде пренесувана во 190 земји.
3.497 - километри ќе бидат извозени низ Белгија, Швајцарија и Франција, а велосипедистите ќе поминат низ 765 градови и села.
450.000 - евра изнесува основната награда која ќе ја заработи победникот, сума на која ќе се додадат дополнителните бонуси за секоја освоена етапа и денови поминати во жолтата маичка.