Во Берлин, Кимето (30), го истрча маратонот за 2 часа, 3 минути и 13 секунди, што е најбрзо време во историјата на маратонското трчање. Кениецот беше за 26 секунди побрз од претходниот рекорд.
Претходниот рекорд го држеше сонародникот на Кимето, Вилсон Кипсанг, кој исто така во Берлин лани го истрча маратонот за 2 часа, 3 минути и 23 секунди. Кенијците доминираа и на претходните маратони, а пред 2 години, Патрик Макау во германската престолнина победи со време од 2 часа, 3 минути и 38 секунди. На денешната трка во Берлин, Кимето беше прв, а зад него второто место го освои Емануел Мутаи. Третопласиран беше Абера Кума од Етиопија.
„Се чувствував сигурен во себе и решив во максимално темпо да истрчам до крајот. Воопшто не размислував за рекордот, само сакав да стигнам до целта", изјави Кимето по историскиот рекорд.
По триумфот, Денис Кимето стана шестиот атлетичар кој поставува нов рекорд во изминатите 10 години. Како награда за златниот медал, Кениецот ќе добие 40 илјади евра и дополнителни 50 илјади евра за поставување на нов рекорд.
На овогодинешниот маратон во германскиот главен град, трчаа околу 40.000 натпреварувачи од 130 земји во светот.