По голема борба во базенот, бодрени од своите навивачи, српските ватерполисти заслужено стигнаа до златниот пехар. Притоа играа без еден од своите најдобри играчи Милош Чук кој имал вироза.
Со одлична одбрана со која ја сопреа силната Унгарија на само седум гола, по втор пат на Европското во само неколку дена до добија ривалот кој беше прв фаворит за злато.
Стрелци на головите за Сарбија беа Мандиќ (4), Лукиќ (2), Лазиќ, Мартиновиќ, Вицо и Драшовиќ а за Унгарија Вендел Вигвари даде 3 гола, Акош Наѓ, Јаншик, Фекете и Варга по 1.

Целиот натпревар мина во голема битка во базенот проследена со многу дуели, но и многу убави потези, голови и голмански одбрани. Треба да се напомене дека и во двете селекции неколку ватерполисти имале вироза и температура пред и за време на натпреварот но и покрај тоа одиграа витешко финале кое ќе се памети.
Младиот голман Милан Глушац беше јунак на натпреварот за Србија затоа што бранеше неверојатно, запиша дури 11 одбрани и со право е прогласен за МВП на целото Европско на кое воедно и дебитираше, а почна како втор голман.
Ова е шеста европска титула за Србија а прва после осум години. Србите се и актуелни олимписки шампиони по олимписката титула во Париз.
На патот до финалето нашиот северен сосед ги победуваше Холандија 18:16 (после пенали), Шпанија 12:11, Израел 19:9, Франција 14:10 и Унгарија 15:14, следуваше пораз од Црна Гора 15:13, а во полуфинале Србија ја победи Италија 17:13. Во финалето беа поуспешни од Унгарија.
Токму Унгарија е најтрофејна нација во историјата на ватерполо првенствата. Имаат 13 титули европски шампион. Последен пат стигнаа до пехарот во 2020-та година. Унгарците имаат уште и 8 сребра и 7 бронзени медали на Европски првенства, 9 олимписки злата и 4 светски шампионски титули.
Унгарија во последните шест години дури четири пати играла во финале на големите ватерполо натпреварувања - освоија злато на Евро 2020, сребро на Евро 2022, светско злато 2023 и светско сребро 2025.
Србија е исто една од најуспешните селекции во историјата на ватерполото, со богата традиција. „Делфините“ имаат 23 медали од кои по 9 злата и сребра и пет бронзи.
Русија на вечната листа има 11 медали од големите натпреварувања (5 злата, 3 сребра и 3 бронзи), Италија има 12 вкупно одличја (3 злата, 2 сребра и 7 бронзи). Германија има 8 медали (2 злата, 3 сребра и 3 бронзи) а Хрватска од големите турнири има 2 злата, 3 сребра и 1 бронза.
Шпанија на вечната листа има 1 злато, 3 сребра и 4 бронзи, Црна Гора 1 злато, 2 сребра и 1 бронза а Холандија има 1 злато и 1 бронза.