Соборен е најстариот рекорд во македонската атлетика од 57 години

Огнен Стефановски стана првиот македонски атлетичар кој прескокнал со стап 4 метри.

На Европското тимско првенство во Марибор, Огнен Стефановски оствари резултат од 4,05 метри и со тоа го собори државниот рекорд кој важеше од 1968 година.

Светскиот рекорд во скок со стап му припаѓа на неприкосновениот Арманд Дуплантис, кој неодамна во Стокхолм прескокна 6,28 метри.

Инаку 20 годишниот Стефановски, кој е член на скопскиот клуб Делта, е универзален атлетичар, па во Марибор настапуви и во фрлање копје и на трката на 110 метри со пречки.

Македонската атлетска репрезентација имаше историски настап на Европското тимско првенство во Марибор, со нови рекорди и највисок пласман досега.

Со освоени 270.5 бодови, нашите атлетичари го обезбедија најдобриот пласман досега, а тоа е 8. место, прикажувајќи борбеност, квалитет и континуиран напредок.

Андреас Трајковски победи во скок во далечина со резултат од 7.83 метри.

Дарио Ивановски триумфираше на 5.000 метри со 14:04.06.

Миљана Ристиќ постави нов национален рекорд на 3000 метри стиплчес – 11:49.49.

Брајан Авиа освои бронза во скок во височина со личен рекорд од 2.06 метри.

Штафетата 4x100 метри (Трајковски, Алексовски, Петров, Стојоски) постави нов национален рекорд – 40.89 секунди, освојувајќи второ место.

Огнен Стефановски го сруши националниот рекорд стар 57 години во скок со стап, поставувајќи нова граница од 4.05 метри.

Теа Алексовска постави нов младински рекорд во фрлање кладиво со резултат од 38.74 метри.

„Вкупно беа соборени четири национални рекорди, десетици лични рекорди, а Македонија испрати јасна порака: атлетиката живее, напредува и создава иднина. Со посветеност, стратегија и тимски дух, македонската репрезентација се вгради меѓу најперспективните нации во развој во европската атлетика“, велат од Атлетска Федерација на Македонија.

Македонецот Брајан Авиа со нов личен рекорд во скок во височина

26 јуни 2025 - 14:18