
Брајан Авиа напредува одлично во атлетиката и на најновиот негов настап постави нов личен рекорд од 2.06 метри во дисциплината скок во височина.
Тоа е подобрување од 5 см во однос на неговото најдобро достигнување.
Гимназијалецот од Никола Карев е носител на пет државни рекорди од кои два во категоријата под 16 и три во категоријата под 18 години.
Неговите предизвици се да ги урне македонските младински и сениорски рекорди кои моментално изнесуваат 2.10 метри.
И покрај тоа што е по татко Нигериец, Брајан реши да настапува под македонското знаме, а сон му се Олимписките игри во Лос Анџелес 2028.
Мајка му Милена Милошевска вели дека од секогаш бил брзо, енергично и љубопитно дете, па дома си го нарекуваат „торнадо“.
„Во атлетиката веќе ме знаат, исто како и во моето училиште, „Никола Карев“, ама кога сум некаде надвор од стадион и од училиште, речиси секогаш ми се обраќаат на англиски со некое прашање, па се чудат кога ќе им одговорам на чист македонски јазик“, вели Брајан.