Во далечната 1948 година во Св.Моритц за прв пат беше подигнато знамето на Кореа на едни Зимски Олимписки Игри каде таа настапи со само тројца Олимпијци. Следејки го својот сон, обземена од духот на Олимпизмот, Кореа стрпливо ќе работи на шансата да биде домаќин на едни ЗОИ, следејќи го примерот на ЛОИ Сеул 1988 нa XXIV Олимпијада.
Денес, зимскиот сон на Кореа ќе стане јаве, овој пат како организатор на најголемиот спортски спектакл во светот, XXIII Зимски Олимписки Игри ПјонгЧанг 2018.
ЗОИ Албертвил 1992 се чини беа среќни за Кореа која по 44 години учество и многу неостварени желби, го освои првиот златен медал во брзо лизгање. По децении на радости и солзи, инспирација и охрабрување, Кореа започна да ги собира плодовите од напорната децениска работа и посветеност на Олимпизмот и Олимписките вредности.
Како вистински Олимпиец кој никогаш не се откажува до самиот крај и по два неуспешни обиди во трката да биде домаќин на ЗОИ во 2010, и 2014, трета среќа, трет обид и вербата на народот во сопствената земја, неговите олимписки аспирации и желбата олимпискиот оган повторно да засвети над небото на Кореа, ги донесе ЗОИ Северно-Источно од Сеул на снежните падини во ПјонгЧанг добивајќи ја трката за град домаќин со 63 гласа пред Минхен со 25 и Анеси со 7 гласа.
Следејќи ги основните олимписки вредности според таткото на Модерниот Олимпизам, барон Пјер Де Кубертин: „Сите спортови за сите луѓе, сите натпреварувања за сите нации“, во следните 17 олимписки денови ќе следиме 3.000 Олимпијци во 102 натпреварувања, 7 спортови и 15 спортски дисциплини распоредени во 13 Олимписки Арени и 1 Олимписки Стадион на кој ќе се одржи вечерашната церемонија на отворање и затворањето на ЗОИ.
На вечерашниот спектакл на отворањето на ЗОИ се очекува да присуствуваат некаде околу 35.000 посетители кои освен што ќе ја имаат можноста и честа да уживаат во еден историски момент, ќе треба и да се изборат со очекуваните ниски температури.
Еквадор, Косово, Еритреа, Малезија и Сингапур ќе го имаат своето олимписко деби на Зимските Олимписки Игри ПјонгЧанг 2018.
Дека олимпизмот е многу повеќе од религија, филозофија и начин на живот балансирајќи ги телото, желбата и умот докажува и Олимпиецот на Тонга за кого ова ќе биде прва Зимска Олимпијада, а втора за само две години разлика. Имено тој учествуваше како Олимпиец во таеквондо на ЛОИ Рио 2016. За прв пат се сретнал со скии и започнал со тренинзи пред само една година и по успешната квалификација по втор пат ќе го носи знамето на Тонга на отварањето на едни олимписки игри, овој пат на ЗОИ ПјонгЧанг 2018.
Ќе биде ова историска олимпијада за Корејската Пенинсула каде по втор пат во историјата после ЛОИ Сиднеј 2000, двете држави соседи и воени непријатели Јужна и Северна Кореја ќе маршираат заедно на отварањето на Олимписките Игри. Многу земји стравуваа за својата безбедност поради можните закани за напад од Северна Кореја и додека САД храбро најавуваше дека ќе настапи на ЗОИ ПјонгЧанг 2018, за Франција, Австрија и Германија учеството беше под знак прашалник. Но што би бил Олимпизмот доколку не успее своите вредности на еднаквост, право на спорт како основно човеково право, заедничка почит, пријателство, солидарност и фер-плеј да ги наметне тогаш кога најмногу треба. Невозможното стана возможно, спортската дипломатија победи.
На 1 февруари Јужна Кореја го игнорираше својот закон: „Забрането веење на знамето на Северна Кореја на нејзина територија„ и барем за миг му покажа на светот дека Олимпизмот како духовна насока на Олимпиското движење е многу повеќе од финансиски скандали, допинг проблеми и мито и корупција кои денес преовладуваат во сите спортски структури на разни спортски меѓународни федерации. И барем за миг во наредните 17 дена ни ја врати вербата дека спортот има сила и моќ како никој друг.
Ќе биде ова Олимпијада на продолжени допинг проблеми на Русија и санкции од страна на Меѓународниот Олимписки Комитет. На овие Олимписки игри, Рускиот Олимписки Комитет е суспендиран, а на руските спортисти чии допинг резултати биле уредни последователно наназад неколку години и кои остваруваат континуирано учество во меѓународни спортски рамки, ќе им биде дозволено учество под името „Олимписки Спортисти од Русија„ но без право на своето знаме и химна, туку под знамето и химната на Меѓународниот Олимписки Комитет. Долга е приказната, а и борбата на Меѓународниот Олимписки комитет во борбата со допинг скандалот во кој е инволвиран голем дел од рускиот државен апарат. Како и да е, клопчето полека се одмотува, само никој незнае колкаво е.
ЗОИ ПјонЧанг 2018 сигурно ќе бидат посебно запаметени и по триесетината Еуро-Олимпик Сервис Роботи кои во наредните 17 дена ќе работат 24/7. Но и ова не би требало да не чуди ако се зема во обзир фактот дека Јужна Кореја е една од најиновативните технички земји во светот.
За потребите на Олимпијадата беа изградени 2 автопати, а 51 брзи возови дневно ќе сообраќајат на релација Инчеон Меѓународниот Аеродром поврзувајќи го со ПјонгЧанг и Гангнеу.
Јужна Кореа и зимскиот регион на ПјонгЧанг се повеќе од подготвени, во тоа можеме да бидеме сигурни. Ќе следуваат денови на радост и тага, на многу солзи радосници и неостварени желби. На нови светски рекорди и спортисти кои својот живот го жртвувале за можеби една минута настап на ЗОИ, но сите длабоко во себе го сонуваат моментот на тој посебен, олимписки, магичен трон. Трон по кој животот никогаш повеќе не е ист. Нови деца ќе бидат инспирирани и нови спортски херои ќе бидат испратени во историјата. Детето во мене кое со нетрпение го чекаше секој настап на ЗОИ Лилехамер 1994 во дневната соба заедно со мојот татко од каде и сета љубов започна, и понатаму останува љубопитно и гладно за уште едни историски олимписки игри и за сета таа еуфорија, големина и убавина, истовремено магична поврзаност која само Олимпизмот ја овозможува.
Вечерва е вечер на еден спектакл во едно време. Наредните 17 дена се на сите нас вљубениците во Олимпизмот и спортот генерално и на едни ЗОИ кои сигурно со себе ќе донесат и своја тежина, нови рекорди и нови победници.. без оглед на раса, боја, пол, политичка определба, социјален статус, нација, религија...
.... да уживаме
Нада Рочевска е научен истражувач во областа на Олимпизмот, Олимпиското движење и Олимписката едукација и магистер по олимписки студии на Универзитетот за спорт во Келн.
За Нада и Рио 2016, клик тука.