Победите и трофеите на Новак во последно време не се вест, ниту претерано интересна тема за разговор, така што новинарите се обидуваат на секаков начин да изнудат нешто што ќе ја скокотне јавноста.
Индијан Велс заврши синоќа. Машкиот дел од турнирот го освои Ѓоковиќ, женскиот Азаренка со неочекувана победа над Серена Вилијамс и турнирот мина сосема вообичаено, иако го одбележа гафот на директорот на Индијан Велс, Реј Мур.
„Да сум тенисерка, секоја вечер би клечела на колена и би се заблагодарила на Бога поради тоа што се родени Роже Федерер и Рафа Надал, затоа што тие двајца го изнесоа овој спорт. Навистина е така“, изјави Мур а неговата изјава веднаш беше сфатена како сексистичка и политички некоректна, поради што се извини.
По крајот на очекуваната победа на Ѓоковиќ, Србинот седна во прес-конференциската сала каде новинарите ја потегнаа темата за рамноправност меѓу тенисерите и тенисерките односно разликата во наградните фондови.
„Не знам што би кажал, слушнав за изјавата на Мур и тоа е многу деликатна тема за разговор. Жените заслужуваат почит и восхит за тоа што го прават. Знаете, израмнетите парични награди беа главна тема во светот на тенисот во последните седум, осум години. Адвокатите и самата ВТА (Женска тениска асоцијација) вложија многу труд и енергија за да ја достигнат рамноправноста со мажите“, изјави Ѓоковиќ.
Новинарите намирисаа дека тука има мастраф за опширна приказна и не му дадоа да се извлече туку беа упорни со прашањата.
„Им аплаудирам (на ВТА) на тоа што го добија. Мислам дека и нашиот машки АТП, машкиот тениски свет мора да се бори повеќе затоа што податоците покажуваат дека имаме многу повеќе навивачи на машките мечеви. Мислам дека е тоа еден од причините поради кои треба да бидеме наградени повеќе. Но, ќе повторам, не може да се жалиме, затоа што во моментов имаме големи парични награди во машкиот тенис“, продолжи Србинот.
На прашањето дека ако податоците некогаш покажат дека женскиот тенис е поатрактивен од машкиот, мажите би требало да добијат помалку?
„Апсолутно, апсолутно. Знаете, мојот одговор на прашањето дали наградите треба да бидат израмнетите не е ниту да, ниту не. На жените е да се борат за тоа што мислат дека го заслужуваат и ние треба да се бориме за тоа што го заслужувам“, додаде Ѓоковиќ.
Следуваше прашање дека интеракцијата меѓу мажите и жените не е само во тенисот, туку на глобално ниво и дали тој би бил тука каде што е да не му била тренер Јелена како мал.
„Немаше да бидам тука. Поради тоа, немојте да ме сфатите погрешно. Како што реков, имам голема почит за тоа што го прават жените во спортот. Пред сè поради сето тоа низ што мора да поминат поради своите тела, а нивните тела се поразлични од машките. Мора да пројдат низ посложени работи од нас, знаете хормоните и тоа, не мора да влегувам веќе во детаљи. Девојките знаат за што зборувам. Навистина е за почит тоа што се натпреваруваат на така високо ниво, мора да жртвуваат одреден период од својот живот, како и да носат одлуки поврзани со своето тело за да може да играат тенис и професионално да се занимаваат со спорт“, констатираше Новак кој синоќа стана рекордер со петти трофеј на Индијан Велс.