Веќе како да се навикнавме на вести за вештачки снег пред секои Зимски олимписки игри.
- Во Ванкувер 2010-та во февруари зимата била толку мека што снег итно бил донесен со камиони од заснежените планински падини, па дури и вештачки снег со хеликоптери.
- Во суптропскиот Сочи уште од почеток не веруваа многу во природен снег, па уште пред стартот натовариле тони вештачки снег кој го чувале во посебни делови. Како резултат на тоа околу 80% од снегот на ЗОИ 2014-та беше вештачки.
- Четири години подоцна, во Пјонгјанг вештачки снег имало до 90%.
- На Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 кои штотуку завршија не само што речиси целиот снег беше вештачки, туку имало и места крај патеките без никаков снег.
Можеби некој би помислил дека станува збор за случајност, но студиите покажуваат дека скоро ниту едни од скорешните домаќини на Зимски Олимписки Игри нема да можат да бидат повторно домаќини во блиска иднина.
СО СЕГАШНОТО НИВО НА ЕМИСИИ НА СТАКЛЕНА ГРАДИНА, ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ СЕ ЗАГРОЗЕНИ НАСЕКАДЕ ВО СВЕТОТ, А ОД ПРЕТХОДНИЦИТЕ ЕДИНСТВЕНО САПОРО БИ МОЖЕЛ ДА БИДЕ ГОРД ДОМАЌИН СО ПРИРОДЕН СНЕГ
Пред Игрите во Пекинг студенти и професори на канадскиот универзитет Ватерло изразиле голем сомнеж во иднината на белите Олимпијади. Во извештајот се вели дека ако глобалните емисии на стаклени гасови останат на исто ниво, тогаш на крајот на векот само еден единствен град на претходните Зимски Олимписки Игри од вкупно 21 би можел да биде домаќин на Олимпијадата.
Тоа е Сапоро, најснежниот милионски град на светот кој се наоѓа на северот од Јапонија. Според просечната годишна висина на снегот (во период од 1981 до 2010 - зголемена за 597 см), таа е втора на светот зад јапонскиот град Аомори (669 сантиметри снег во просек).
Поради природниот феномен, овој регион дури и го добил прекарот „Снежна земја“.
Сапоро секоја година е домаќин на „Снежен фестивал“ кој привлекува повеќе од 2 милиони туристи. Сепак климатските промени го погодуваат и ова место.
На последниот фестивал, за првпат во 70-годишното постоење на овој голем настан, Сапоро морал да увезува со камиони снег од уште поснежните региони во планините.
„Ако глобалното загревање продолжи, ние нема да можеме да правиме снежни скулптури во Сапоро. Можно е дури и да не се одржува веќе фестивалот во иднина“, вели Синџи Меи од извршниот комитет на „Снежен фестивал“.
ШТО ЗНАЧАТ СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ И КАКО ВЛИЈААТ НА ЗАТОПЛУВАЊЕТО?
Основните стакленички гасови на Земјата вклучуваат водена пареа, јаглерод диоксид, метан и озон (по редослед на нивното влијание врз топлотната рамнотежа).
Присуство на вакви гасови во атмосферата водат кон ефектот на стаклена градина - зголемување на температурата на долните слоеви од атмосфрата.
Сами по себе гасовите дефинитивно не се зло. Без ефектот на стаклената градина просечната температура на Земјата не би била +15 Степени туку -18. Тоа би бил свет со вечно замрзнати водни тела и без растенија.
КАКО ФУНКЦИОНИРА СЕТО ТОА?
Едноставно кажано: во Земјата навлегува сончево зрачење, зрачењето од сонцето е од кратки бранови, така што стакленички гасови слободно поминуваат низ него.
Површината на планетата се загрева по што самата Земја испушта топлинска радијација - инфрацрвено зрачење. Но стакленичките гасови не дозволуваат зрачењето во целост да отиде во вселената бидејќи е со долга бранова должина. Поголем дел од нив се рефлектираат назад што ја зголемуваат температурата на Земјата.
Проблемот е што поради човечките активности и загадувања, концентрацијата на стакленичките гасови во атмосферата е драстично зголемена. И колку повеќе гасови, толку посилен е ефектот на стаклена градина. Односно, помалку топлина оди во вселената со што постојано се зголемува температурата на Земјата.
Поради зголеменото загадување во атмосферата, термалното загревање не се апсорбира, туку се распрскува и се акумулира во облик на јаглерод диоксид итн.
За спортот опипливи последици може да дојдат за 30 години.
„Ако продолжат високите емисии, до средината на векот ќе останеме со четири климатски надежни места меѓу сите претходни домаќини на Зимските Олимписки Игри (Сапоро, американскиот Лејк Плесид, норвешките Лилехамер и Осло), вели Даниел Скот, водечки автор на студиите и професор по греографија и животна средина на Универзитетот во Ватерло.
Сепак, Зимските Олимписки Игри се уште имаат шанса. Ако емисиите се намалат во согласност со Парискиот договор, девет града од 21 досегашен би можеле да бидат домаќини без никакви проблеми дури и во 2080-те години.
Според проценките, од 21 град домаќин на ЗОИ само во еден би можело да биде доволно студено на крајот од веков во случај ако порастот на емисии на стакленички гасови остане на сегашната траекторија.
Париски договор е согласност која во 2015-та ја потпишаа претставници на 196 земји. Главна цел е да не се допушти раст на просечните температури во XXI век повеќе од 2 степени Целзиусови.
До втората половина на векот, голем број држави дури имаат намера да постигнат јаглеродна неутралност - односно состојба кога количината на опасни емисии во атмосферата не би ја надминувала способноста на природата да ги апсорбира.
Но повеќето земји како САД, Русија, Јужна Кореја, Канада и други се критикувани од еколозите дека не прават доволно за успех на договорот.
„Ниту еден спорт нема да може да го избегне влијанието на климатските промени. Достигнување на целите од Парискиот договор е клучно за спасување на зимските спортови какви што ги знаеме“, вели Даниел Скот.
Неговата студија покажала дека просечната дневна температура во февруари во градовите домаќини на Зимски олимписки игри расте со алармантна брзина: од 0,4 Степени во 1920-те и 1950-те години на 3,1 Степени во 60-те и 90-те години од минатиот век и страшни 6,3 Степени во XXI век.