Јоширо Мори кој инаку беше премиер на Јапонија пред 20 години, рече дека состаноците на кои присуствуваат премногу жени имаат тенденција да се одолговлекуваат, затоа што тие премногу зборуваат.
Првиот човек на Олимпијадата во Токио која од минатото е преместена за ова лето е обвинет за давање сексистички изјави, а жени спортисти и политичари бараат да си поднесе оставка.
Мори нема намера да се повлече, туку само се извини за гафот и призна дека неговите коментари биле несоодветни и се косат со олимпискиот дух.
Осврнувајќи се на времето кога бил претседател на Јапонскиот рагби фудбалски сојуз, тој рече:
„Жените имаат силно чувство за ривалство. Ако една крене рака да зборува, сите други чувствуваат потреба дека треба да зборуваат. Секоја сака да каже по нешто.
Ако зборувам многу весниците ќе напишат дека сум рекол лоши работи, но слушнав како некој вели дека ако сакаме да го зголемиме бројот на жени членови на одборот, треба да го регулираме времето за говор до одреден степен, во спротивно никогаш нема да можеме да завршиме. Нема да кажам кој го рече тоа“.
83 годишниот Мори рече дека за изјавата го искарале сопругата, ќерката и внуката.
„Жена ми мѝ беше лута и ми рече: Отиде на состанок и повторно рече нешто глупаво. Жените ги правиш непријателки, а јас сум таа што треба да страда“.
Јоширо Мои важи за конзервативен политичар кој е близок со Шинзо Абе, премиерот на Јапонија кога Токио ја освои олимписката кандидатура во 2013-та.
Во 2016-та на јапонските атлетичари им рече дека за да се натпреваруваат во Рио ако силно не ја пеат јапонската химна, треба да се сметаат себеси за несоодветни да ја претставуваат својата земја.
Инаку Олимписките игри се закажани за периодот од 23 јули до 8 август, а претседателот на Организацискиот комитет е критикуван и поради тоа што инсистира тие да се одржат, без разлика како ќе се одвива пандемијата со коронавирусот во тој период.