Интервју со Јасмин Ќахил, амбасадор на Македонија во Полска

По професија е дипломат, во душа Вардарец и навивач на Леверкузен со неброени големи спортски сведоштва

Познавате ли Македонец кој го гледал незаборавниот Вардар на Вишњевац во Букурешт во Купот на УЕФА, на Градски против европскиот првак Порто, а истовремено ги посетил сите 12 стадиони во Лондон, влегол без карта на Вимблдон и му извадил виза на славниот Аилтон?

Во скоро 12 години постоење, за прв пат имаме интервју во Офсајд со амбасадор, кој зборува и растура на тема фудбал и општо спорт.

За Јасмин Ќахил на интернет ќе прочитате дека неодамна бил директор за билатерални односи со воневропски земји. Дека пред 15 години во Швајцарија имал средба со владиката Пимен, кој инаку ни е заеднички пријател и со кој заедно гледале Светско во хокеј. Потоа за неговите задачи во Полска каде од 1 јануари ќе ја обавува последната функција пред пензија, а тоа е амбасадор.

Ама никаде нема да сретнете како ги раскажува головите на мечот Југославија - Германија на Мундијалот во Италија 1990, сведоштвата за збратимувањето на навивачите на Шалке и Вардар, чувството да се биде присутен на светскиот рекорд во скок со стап на Исинбаева, но и да се бега од хулиганите на Ливерпул во веце.

Разговаравме со човек кој 30 години е во дипломатијата, на моменти помислувајќи дека е Златко Калински. Енциклопедија за спорт кој на еден кафе муабет немаше шанси да ги раскаже сите спортски настани кои го доживеал. Многу патувал, многу знае и многу памети. 

На памет го знае првиот тим на Баер Леверкузен 2002 кој играше финале во ЛШ, но и шампионот на Југославија во одбојка 1976 кој се вика Вардар и кој станал четврти во Европа. Според него најјак македонски спортски колектив во историјата.

Дојде спремен со листа на натпревари кои ги гледал во живо и тоа ги испечатил само најважните кои се преку 100, а како доказ ги чува картите.

Вели љубопитството ми е движечка сила, а со него стапнал на Вимблдон без карта, претходно само со намера да го види амбиентот од надвор.

Тешко се сумира неговиот спортски животен опус во интервју. Тој трпи книга, минимум една. Тоа што бил работно ангажиран во Германија, Англија, Швајцарија, Турција и кусо во Канада, вели дека му помогнало да доживее разни врвни спортски настани, но од љубов кон спортот патувал многу и приватно.

Фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, тенис, формула 1, хокеј, бокс, скијање, атлетика..., сето ова во живо, но и Лед Цепелин, Ролинг Стоунс, Оезис, Мадона, Елтон Џон...Не е лошо нели? Тоа е вели друга тема за друга прилика и со наш колега од сектор култура.

Со фудбал се инфицирал поради ФК Вардар кој му влегол под кожа од мал и на 17 години почнал да оди на гостувања низ Југославија. Бил и на гостување во Куп УЕФА во Букурешт.

„Татко ми беше член на управата на Вардар во 60-те, а мојот кум Душко Гоергиев беше претседател на Вардар во 70-те. Од 6-7 години почнав да одам на Вардар, сè знаев за Вардар, а потоа почнав да одам на гостувања со Ниш, Белград....Тогаш немаше Комити и никој немаше потреба да ни каже, ние одевме од љубов према клубот. Генерацијата 87-ма кога инаку се формирани Комитите, тешко дека ќе се врати, тоа беше врвот. Грошев, Јовановски, Симовски, Георгиевски, Јаневски, Најдоски, Здравков, Панчев, Савевски и Рингов. Првото гостување ми е во Ниш на 17 години крајот на 70-ти“.

„Првиот меч на Порто откако стана европски првак и го победија во финале Баерн беше против Вардар како шампион на Југославија. Вардар во првото коло гостуваше и изгуби 3:0. На реваншот и покрај тоа што гостуваше европскиот првак, стадионот беше полупразен. Вардар и дома изгуби 3:0, Панчев погоди пречка. И сега ми е чудно како можеше стадионот да не биде полн. Мислам дека причината беа скапите карти и поразот од 3:0 на првиот дуел“.

„Можеби Вардар имаше уште појак тим во 85-та, кога беше петти во Југославија и играше со Динамо Букурешт во Куп на УЕФА. Таму беше 2:1, а тука победивме 1:0. Никогаш нема да го заборавам голот на Здравков на втора статива со глава. Во второ коло игравме со Данди, таму беше 2:0, а тука на врнежливо време и полн стадион одигравме 1:1 и Вардар испадна“.

Прво стапнување на Сан Сиро и тоа на Мундијалот 1990. Повод Југославија, противник Германија која таа година стана светски шампион.

„Во 1990 со еден пријател бевме на Светското во Италија и во Милано ја гледавме Југославија против Германија. Седевме зад голот на кој Матеус тргна од центар, се доближи и го даде еден од најубавите голови во кариерата. За Југославија погоди Јозиќ, а Германците победија 4:1. Меѓу стрелците беа и Фелер и Клинсман. Ивица Осим не ги сакаше македонските фудбалери. Панчев и Станојковиќ беа на клупа, а Панчев не го повика ниту на Олимписките игри. Најдоски не доби повик, а ниту Савевски кој беше еден од најдобрите везни играчи“.

Трка во Формула 1 вели дека вреди да се посети барем еднаш во животот.

„Кога се вработив во МНР можев да посетувам разни натпревари. Во 94-та бев да гледам Формула 1 на патеката Хунганоринг во Будимпешта. Сè уште е патеката досадна, без претекнувања, но чувството е убаво да се посети трка на Ф1 барем еднаш во животот. Работата ми овозможи да одам приватно и да ја видам патеката во Шангај, Монте Карло, Дубаи. Вистинската трка беше во Будимпешта“.

Вимблдон 1997 - без карта, Вимблдон 2017 - осум часа на сонце. Истата година ги гледал и Моника Селеш и Патрик Јуинг.

Во 1997 бев службено на многу кратко во Лондон и баш тогаш беше Вимблдон. Од љубопитство едно попладне отидов таму, барем од надвор да ги видам терените. Но, заврна силно, редарите ги отворија сите врати, луѓето си заминуваа не очекувајќи дека тој ден ќе престане да врне. Јас влегов внатре по дождот, се најдов на Централ корт, полупразен. Но, престана да врне и успеав да изгледам еден сет од мечот Куриер-Штих. Среќата ги прати љубопитно-упорните.

На Вимблдон, доколку немаш купено (скапа) он-лајн влезница, тогаш влегувањето е вакво: одиш што е можно порано (јас бев во сабота, со првото метро во 6 часот) и доаѓаш на една ооооогромна полјана на чиј влез ти даваат ливче со број, мојот беше 9.867. Постојат редови од по 1.000 луѓе, јас се најдов во 10-от ред. На секој 10 минути поминуваат редари кои проверуваат дали си на своето место. Јас, па, наивен, мислев дека рано, рано, ќе бидам меѓу првите. Но, преку 8.000 луѓе преноќиле на полјаната! И, така, малку по малку, на јулското сонце, во 15 часот влегов внатре. Ова беше во 2017-та.

Истата година бев на мисија во Њујорк и таа година се играше АТП со осумте најдобри. Ги гледав Санчез Викарио против Моника Селеш во Медисон Сквер Гарден. Тоа беше настан кој се памти. Во истиот престој искористив да изгледам и НБА натпревар меѓу Њујорк Никс со Патрик Јуинг и Сакраменто Кингс. Спајки Ли и тогаш седеше во прв ред.

Како конзул во Германија се среќавал и ги гледал во живо Саша Ќириќ, Ока Николов, Николче Новески, Игор Митревски, Александар Васовски. Тогаш се родила и љубовта кон Баер Леверкузен.

Во 2001 отидов во Германија и како конзул морав постојано да патувам, бидејќи правевме конзуларни денови во Минхен, Франкфурт, Штутгарт и Хановер и тоа секоја недела. Ги посетував нашите клубови, нашите затвореници...Четири години ми поминаа во возење, а јас кога и да одев ако имаше нешто за гледање и време се разбира тоа го користев. Одев во Мајнц да се видам со Новески, а потоа го гледав на натпревар уште Клоп кога му беше тренер. Исто така и со Васовски во Франкфурт, а на конзуларни денови доаѓаше кај мене Ока Николов. Игор Митревски тогаш играше во Котбус. Тоа беа убави денови.

Инаку во Германија има секогаш што да се гледа. Во Келн бев на Светско првенство во хокеј и бидејќи таа година Келн беше второлигаш, а јас живеев во Бон, кој е јужно предградие во Келн, северно предградие на Келн е Леверкузен, кој ми беше најблизок бундеслигаш. Тогаш почнав да ги гледам и се погоди таа сезона 2001/2002 да бидат многу силни и мислам дека сега за прв пат во историја се малку посилни од тогаш, но тоа е мое мислење. Ги следев на бундеслигашки натпревари, а почнав и во ЛШ. Леверкузен е мал град со 110.000 жители. Трета најзастапена националност се Македонци, после Турци и Пољаци. Целиот град живее од една фабрика за лекови и има многу наши луѓе кои се вработени таму и плус има два клуба, еден македонски и еден албански.

Таму го гледав најдобриот натпревар што сум го гледал во живо. Тоа беше Леверкузен - Ливерпул, април 2002, четвртфинале во ЛШ. Леверкузен мораше да победи со два гола разлика за да помине и заврши 4:2. Балак даде супер гол, Хески израмни, па кај нас Бербатов даде гол, па Овен пак израмни и на 5 минути до крај погоди Лусио. Тоа беше феноменален меч по кој за влакно избегнав да не ме натепаат хулиганите на Ливерпул. Чекав воз во едно кафанче на железничка станица и тие влегоа и почнаа да демолираат. Јас се заклучив во веце и чекав да дојде полиција. Реално, опасно беше. Не очекуваа дека ќе изгуат и од гнев го демолираа ресторанот. Потоа Леверкузен играше со Манчестер Јунајтед, таму 2:2, дома 1:1 и влеговле во финале. За жал најубавиот гол падна на тоа финале, оној на Зидан. Имавме јак тим со Бут, Лусио, Пласенте, Рамело, Новотни, Баштурк, Зе Роберто, Шнајдерн Балак, Нојвил и Бербатов. Потоа продолжив да ги гледам Баер. Бев и против дрим тимот на Реал во 2003-та. 1:1 заврши и тоа беше навистина голем настан.

Лузерството на Леверкузен на кој му го патентирале изразот „Неверкузен“ после загубените титули во 2000 и 2002 година на неверојатен начин.

Во мај 2000-та му требаше нерешено во последно коло со Унтерхахинг, кој беше 15-ти во Минхен, а сега е во четврта лига. Балак си даде автогол, имавме две стативи, примивме уште еден гол и Баерн стана шампион!

Во 2002 година, на само ТРИ кола до крај имавме ПЕТ бода предност. Но, дома со Вердер водевме 1:0, Бут промаши пенал, загубивме 2:1, во претпоследното коло, загубивме кај Чириќ, во Нирнберг со 1:0, а во последното победивме дома. Борусија Дортмунд ги доби сите три последни меча (третиот во 75.минута) и стана првак. Таа година, за три недели, го загубивме финалето на германскиот куп од Шалке и финалето во Лига на шампиони од Реал со 2:1. Но тоа не беше крај! Месец дена подоцна, на 30.јуни 2002, во финалето на Светското првенство играа Бразил и Германија. Пази, во двата тима играа вкупно 6 играчи на Леверкузен! Лусио, Зе Роберто, Новотни, Рамело, Балак и Нејвил. Бразил победи 2:1, а лузерите од Леверкузен по четврти пат за 6 недели беа втори. Нити било, нити ќе биде. Таа година и официјално, во германскиот завод за патенти, ФК Леверкузен официјално ги патентираше како свои изразите Лузеркузен и Неверкузен. Сериозно.

РК Вардар кога гостуваше против Магдебург, морав да одам да го гледам како конзул. Возев 600км во еден ден и тоа е обврска, но и задоволство и за други натпревари кои ќе ги набројам. Се очекува претставник од амбасада да има.

Бил сведок на збратимувањето на навивачите на Шалке и Вардар и му извадил виза на славниот Аилтон.

Се сретнаа во Купот на УЕФА во 2004-та и тогаш Аилтон, кој беше најдобар играч, откако стана шампион со Вердер направи трансфер во Шалке. И бидејќи тоа му беше прв меч за Шалке, токму против Вардар, стадионот беше преполн. Мислам дека тоа е натпревар со најголем број гледачи пред кои играл Вардар во историјата, 60.000. Изгубивме 5:0, а во еден момент двајца наши влегоа со македонско знаме. Полицијата беше брутална, а јас се симнав како конзул да помогнам. Само што заврши мечот почна да истура ненормален дожд и тогаш навивачи на Шалке им приоѓаа на нашите на кои им нудеа помош да ги однесат дома и тие прифатија, бидејќи беше страшно невреме. На реваншот во Скопје после една недела кој го добија со 2:1, нашите ги пречекаа и така почна тоа пријателство.

За реваншот на Шалке во Скопје, на Аилтон како Бразилец му требаше виза за Македонија. Јас бев на пат за Минхен. Се јавија во нашата амбасада во Германија да најават дека ќе дојде човек од Шалке да подигне виза за Аилтон, но мојата колешка одговорила дека согласно законските прописи мора лично да дојде. Кога се вратив на работа пристигна остро писмо од Шалке во кое беа наброени сите земји каде што биле и кои никогаш не барале фудбалерите лично да дојдат за виза. Јас реков во ред и потоа дојде секретарот, го донесе пасошот на тогаш најголемата ѕвезда и така му издадов виза.

Во Швајцарија ги гледал Федерер, европскиот првак Милан, спуст, скијачки скокови, а бил и сведок на несоборливиот светски рекорд на Исинбаева.

„Потоа бев на служба во Швајцарија каде гледав Светско првенство во хокеј. Јанг Бојс го гледав на вештачка трева, а настан кој најмногу ќе го паметам од таму е атлетскиот митинг во Цирих. Растен сум со тој митинг кој го коментираа Зоран Михајлов и Калински. Бев зад голот токму каде се одвиваше натпреварот во скок со стап. Почна Исинбаева да скока и тогаш го оствари светскиот рекорд од 5.06. Поминаа 14 години и ниту една натпреварувачка не може да скокне ниту 5 метри. Тоа ми остана врежан момент“.

Инаку го гледав и Федерер во Базел, како и на спуст и слалом во Венген. Многу е впечатливо да се гледа во живо спуст и покрај тоа што можеш да ги видиш само последните 100 метри кога се стигнува во целта, но атмосферата е супер. Исто гледав и скијачки скокови и некои работи не може на ниту едно место да се видат. Во октомври 2008-ма, само што пристигнав таму, се погоди на Цирих да му гостува Милан. Дадов 200 франци за да го гледам еден од најјаките тимови во историјата на Милан со Шевченко, Роналдињо, Малдини, Кака. Тешко победија, дури на 3 минути до крај со гол на Шевченко“.

Во Турција го бодрел Вели Мумин, во Норвешка Вардар, а од Канада издвојува хокеј.

Следуваше мандат во Турција каде гледав доста натпревари на Светското првенство во кошарка, како на пример Турција - Грција. Гледав и Европско првенство во бокс, Вели Мумин беше од кај нас и морав да одам за да му дадам поддршка. Бев и на натпревари на Фенербахче. Бев еднаш приватно во Норвешка, да го гледам Вардар со Ларвик, а бев три месеци вршител на должност во Отава и гледав хокеј. Да се гледа професионалната хокеарска лига беше јако доживување. Гледав и Светско во хокеј, ама ова е нешто поинакво.

За време на престојот во Лондон успеал да ги посети сите 12 стадиони на Арсенал, Челси, Тотенхем, Вест Хем, Фулам, Брентфорд, Квинс Парк Ренџерс, Милвол, Чарлтон, Вотфорд, Кристал Палас и Вајкомб.

„Случајно се погоди да живеам блиску до Стемфорд Бриџ и кога Челси ќе дадеше гол кај нас дома се тресеа прозорите. Тогаш решив да гледам барем по еден натпревар на сите стадиони во Лондон. На Запад се стадионите на Челси и на 5 минути од него на Фулам. Стадионот на Челси е на Фулам роуд, што е многу лошо за навивачите на Челси, а тие се најголеми противници на Фулам. 3 км уште позападно е Брентфорд и баш гледав додека го градеа новиот стадион, а јас им бев на стариот. И тука блиску се Квинс Парк Ренџерс. Тоа се екипите во западен Лондон“.

„На Север се само Арсенал, кој не е толку северно и Тотенхем кој е стварно северно. Исто и нивниот стадион го гледав додека се градеше“.

„На Исток кој е најсиромашниот дел од Лондон е Вест Хем, кој е работнички клуб. Таму има и највисока стапка на криминал. Во јужен Лондон живеат 3 милиони, а во северен 6 милиони луѓе и повеќето од јужен навиваат за Кристал Палас. Вотфорд пак е скоро надвор од Лондон на Север, географски е надвор од Лондон, но има метро до него. За три и пол години се стигнува сè и успеав да отидам на сите 12 стадиони“. 

Стадионот Крејвен Kотиџ на Фулам

„Милвол е интересен, тие се познати како најголеми хулигани. Имаше доста терористички акти додека бев во Лондон и еден почна да боде луѓе со нож. Еден му излезе пред него и му рече, не ми можеш ништо, јас сум навивач на Милвол. Најголемото непријателство е меѓу Милвол и Чарлтон. Тие се блиску во јужен Лондон и тоа е најголемо ривалство“.

„Квинс Парк Ренџерс се културни и таму е побогатиот дел. Како најмирни би ги издвоил навивачите на Челси. Тие се најбогат клуб, а Вест Хем најсиромашен. Не можат да се смислат меѓу себе. Инаку Вотфорд е создаден од Елтон Џон, кој е роден на 5 км од нивниот стадион. Од мал навивал за нив и во 70-те решил да го купи и ги однесе до прва лига. Едната трибина се вика Сер Елтон Џон“.

Присуствувал на официјално најпосетениот меч во историјата на Велика Британија, а во преносот на БиБиСи го покажале во кадар со македонско знаме.

„Најубавиот стадион на кој сум бил е новиот на Тотенхем. Тоа е најубаво здание во секој поглед, чудо од стадион. И изглед и трева и озвучување кое го правеле техничарите на Ролинг Стоунс. Стадионот е импозантен со бар долг 100 метри за точење пиво на пауза. Во врска со Тотенхем е и најдобрата моја приказна со Леверкузен. Само што стигнав во Лондон се погоди после еден месец да играат во ЛШ Тотенхем и Леверкузен на 2 ноември 2016-та. Се разбира јас сум купив карта и отидов на стадион со македонско знаме. На влез ме прашуваа да не е знамето германско. Почна мечот, Деле Али имаше пречка, Кејн статива и во преносот на БиБиСи ме даваат мене со македонското знаме како се радувам на голот на Леверкузен, што беше опасно. Ем ги гледав моите, ем победија, а официјално тоа е најпосетен меч во историјата на Велика Британија, бидејќи на Тотенхем додека им го градеа стадионот само таа година играше на Вембли, каде игра само репрезентација. И бидејќи на една трибина им дозволија стоење, место капацитет од 85.000, Вембли само на тој меч имаше 92.000 гледачи“.

Љубов кон одбојката

„Кај нас одам да ја гледам македонската репрезентација во одбојка. Како мал играв во подмладокот на Работнички. Не дека сега јас ќе заминам во Полска, ама на сите им викам. Имавте прилика да ја гледате во Скопје најјаката селекција во одбојка во светот и зошто не доаѓавте? Салата Борис Трајковски не беше полна. Па најдобриот тим во рагби да дојде, јас би го гледал, тоа е привилегија. Подобра екипа сега од Полска нема и станаа европски прваци. Инаку за време на Европското во одбојка во Македонија, никој не спомна дека во 1975-та година Југославија беше домаќин во Европско првенство во одбојка и натпреварите од групна фаза ги играше во Скопје во салата Кале. Југославија загуби 3:2 токму од Полска. Бев на тој меч. За да се влезе требаше чуда да се прават, бидејќи Полска тогаш дојде како Олимписки шампион“.

Ги истакна и според него најдобриот спортски колектив во историјата на Македонија, како и тројцата најдобри спортисти кои ги имала Македонија.

„Сите што ме прашуваат, јас тој тим го кажувам. Вардар во одбојка 1976. Таа година беа шампиони на Југославија и потоа четврти во Европа во Турку, Финска 1977. Првата постава беше Богоевски, Тасевски, Србиновски, Мојсов, Трифуновски, Петковски, Кузмановски, Докузовски, Георгиевски. Првите тројца беа тројца од првата шесторка на СФРЈ на Олимпијадата во Москва 1980. Пола тим. Каде сме сега ние...Македонија имаше три прволигаши во одбојка, Струмица, Борец, па се менуваа Работнички и Вардар. Од една република која беше 4-5 години доминантна во Југославија, ние сега за жал се радуваме на пласман на Европско, а Србија е Олимписки шампион, Словенија пак трета во свет. Ние во 70-те во Југославија бевме најдобри во одбојка. Богоевски е еден од најдобрите одбојка во историјата не во Македонија, туку во Југославија“.

Топ 3 спортисти според мене се Богоевски, Трстена и Лазаров, а најдобар фудбалер Панчев. Долго време за мене Богоевски беше на прво место, но сега е Лазаров. Генерално Богоевски беше легенда. Играше за Реал и направи добра кариера.

За крај, можете ли да издвоите топ 3 натпревари на кои сте биле?

Леверкузен - Ливерпул 4:2 во четвртфинале од ЛШ е најдобриот меч кој сум го гледал во живо. Ептен квалитетен. Светскиот рекорд на Исинбаева, бидејќи ретко се присуствува на светски рекорд во атлетика. Не знам кој би го издвоил како трет настан, можеби Вардар - Шалке од разни причини. Феноменален стадион, побратимување, атмосферата...Тешко е да се направи листа од топ 3, бидејќи тука влегува и НБА.

Филип Нацоски 

5 декември 2023 - 11:21