Деспотовски шест години беше дел од романското првенство каде освои 2 купа, едно второ место и 3 бронзени медали. Од капитен на Динамо Букурешт стигна до руски Тјумен во силна конкуренција на 100 одбојкари. Тој е вториот Македонец кој успеал да заигра во една од најсилните одбојкарски лиги во светот.
Кажи ни основно инфо за Тјумен, за каков клуб се работи и кои му се амбициите? На интернет тоа што го побаравме беше на руски.
Тјумен се натпреварува во Супер лига и за жал поради финансиската криза која се случи во Русија минатата година одлучи да се натпреварува во прва лига, инаку втора по ранг. Амбициите се да бидеш меѓу вторите 7 екипи, а не во првите 7 кои се многу јаки и се натпреваруваат во Лига на шампиони. Зенит Казан освои ЛШ, а Тјумен е некој приближен ранг. Во куповите има остра борба за да се победи, меѓутоа оние кои се финансиски најмоќни излегуваат како победници. Наредната година Тјумен пак ќе се натпреварува во прва лига, така е одлучено. Има понуда како стабилен финансиски клуб да се натпреварува во Супер лига, но додека трае кризата и војната во Украина одлучија да останат во прва лига, каде што нема многу патувања и каде што работите се поедноставни и поевтини.
Во лигата до лани се натпреваруваа Локомотив Карков од Украина и Динамо Минск од Белорусија. Тие беа суперлигаши и се правеше систем во кој руската лига беше поделена во четири зони. Сега тоа го нема, има обична систем лига без тие две екипи поради воената ситуација, а белорускиот клуб ни крив ни должен испадна и сега се натпреварува во послаба лига. Инаку да ви кажам за градот. Тјумен е создаден пред 10 години, тоа било се со куќи. Жителите на Тјумен го имаат откриено градот каде што играл Милков Краснерс и тие го имаат откриено и создадено градот Краснерс, пронашле таму ресурси на нафта и на гас, се селат таму за да ги искористат тие ресурси и потоа откриваат дека најбогат дел во Русија е токму овој дел, односно Тјумен. Потоа го напуштаат Краснерс поради временските услови, бидејќи таму температурата оди и до -55 и се враќаат и го градат Тјумен. Така што тука сè е ново, со нови згради. Потоа во градот прават и школа, средно и факултет и потоа многу луѓе се вработуваат таму. 15 евра плаќаат за гас, струја и вода во еден стан, а 2.000 евра е просечна плата со средно.
Колкав им е буџетот и дали зад одбојкарските клубови стојат руски тајкуни кои обично вложуваат многу во фудбалот?
Точно не знам колкави им се буџетите, но ќе ви кажам дека парите се единствена работа во Русија кои не претставуваат проблем. Тоа се милионски суми па дури и за Тјумен кој е пониско рангиран тим од тие што ги спомнав. Руските тајкуни вложуваат, но Тјумен е општински клуб, спонзор беше Сибур кој се бавеше со нафта, а со падот на нафтата тие имаа проблеми кои ние не ги осетивме, бидејќи зад клубот стои општината и поради тоа не може да има финансиски потешкотии. Инаку руските тајкуни ги држат поголемите клубови во Супер лигата и вложуваат многу големи суми на пари.
Можеш да ги споредиш со некој европски фудбалски клуб во однос на финансиите?
Тјумен може да го споредиме со Бенфика или Динамо Букурешт. Инаку руската одбојкарска лига е како НБА што е во кошарката. Тука се надоврзува и полската лига, па и француската.
Како стигна да заиграш токму во Сибир и колку си задоволен од условите, плаќаат ли добро?
Од финансиските услови јас сум презадоволен. Тие финансии во Европа од одбојка не можам да ги добијам. До Тјумен стигнав со помош на менаџерот, со тоа што тогаш во Тјумен имаше понудено околу 100 играчи на трансфер листа. Ние бевме тогаш актуелни со квалификации за Светско првенство, па потоа продолживме во Евролига. Клубот ги изгледа сите преноси кои одеа на тв, а Македонија беше во група со Полска која потоа го освои Светското, во Евролига имавме супер натпревари, ги победивме сите и стигнавме до полуфинале, а го победивме и првиот меч против Црна Гора во Скопје. Во Русија ги пратеа тие мечеви, ме следеа и со Динамо Букурешт претходно и на крај ми пратија договор и потпишав. Условите во однос на сместување, станови, сала, превоз, организација околу студот сè е на високо ниво. Во други клубови сум осеќал фалинки, во репрезентација немаме поддршка од никаков спонзор, не по наша вина, тука нема кој да не поддржи во државава. Но во Русија нема за што лошо да се фатам. Патувањата се организираа авиoнски, се работи за 12 играчи и најчесто летаме во бизнис класа. Нашиот клуб нема свој авион, но поголемите клубови имаат. Се сместуваме во хотели од по 5-6 ѕвезди, се трошат многу пари, а наше е само да одиграме најдобро на терен.
Каков ти е социјалниот живот и во што се разлика од кај нас на пример?
Ладно е, не можеш таму многу да излегуваш. Сите се среќни кога се дома, посреќни се отколку кога треба да излегуваат некаде, бидејќи е премногу ладно. Многу е поразличен животот таму, се функционира со апликација, водата не се пие, пример стискаш на апликација на мобилен сакам 20 литри вода и ти носат на врата. Има служби кои што работат со тоа за да не треба да излегуваш многу надвор. Исто така има апликација за продукти од маркет да ти донесат. Ти само си плаќаш на врата и е малце поскапо, но не треба да се мачиш. Сè е така средено и организирано за кога е многу ладно да не треба да се движиш и да излегуваш кога ќе дојде најголемиот студ. До -25 не е проблем да излезеш до маркет, кафиќ и сл, но мора да дишеш преку шал зашто ти се залепува носот, ќе ти замрзне и нема дишење. А кога дишеш преку шал се создава кондензација, па трепките ти фаќаат мраз, така што интересно е човек да ги доживее тие работи. После одреден период, после три месеци во кои трае јаката зима, на пример -20 знае да дојде во април. Јас бев 20 км навлезен во Сибир и веројатно уште повнатре е посилен студот.
Во Тјумен и не е толку ладно, максимум е -40, но на пример во Краснеш нон стоп во период од три месеци е -40, така што таму е поекстремно. Но Русите сè имаат организирано, а депресијата доаѓа бидејќи премногу се седи дома. За супермаркет не ти се излага, ќе си олесниш, во кафиќ нема да отидеш, ќе си направиш дома кафе и плус ќе се стрпиш играш сезона, професионалец си, но седењето дома е премногу. Автобусот не носи до сала до пред влез и веднаш си внатре и потоа те враќа, само да не ги осетиш тие работи, но седењето дома понекогаш убива. Инаку Русите се многу фин народ, единствен проблем е што таму не само што не знаат англиски, туку не се обидуваат ни да ти проговорат, веднаш на руски ти зборат. Јас сакал нејќел морав да го научам и успеав околу 70% да научам од јазикот. Кога влегуваш на пример во продавница, тие не те гледаат како странец, туку како Русин те прифаќаат. Кога им го научив јазикот тие не ми викаа дека сум странец, туку викаат ти си Русин. Инаку морам да кажам дека се супер народ, блиску се како нас и Србите, приступачни се, не зборат позади грб и се отворени.
Користат ли Фејсбук и Твитер?
Интересно е кај нив што не се информирани за многу работи и веројатно не ги интересира. На пример не знаат кој е Новак Ѓоковиќ, што е за нас незамисливо. Фејсбук не користат, туку нивната социјална мрежа се вика Вконтакти и се е таму на руски. И плејстејш игрите им се на руски, се е направено за руски пазар.
Слушнавме дека има некоја фора со палење на колите?
Е сега за колите ќе ви раскажам. Во Русија се вози само на бензин и сè се големи машини. Во Тјумен колите што ги возат се за на руски пазар и такви нема кај нас, сите имаат автоматчиња за да се палат преку цела ноќ на секои 20 минути. Преку ден на пример одиш на улица и ги гледаш како се палат сами на секои половина час. Тоа беше на почеток страшно за мене бидејќи гледаш дека во колата нема никој. Мора така да прават бидејќи во спротивно ако ја изгасиш во отктомври, ќе ја запалиш дури во април. Имаат исто така и штекери покрај зградите за да може да ги полнат акумулаторите за да не се испразнат. Инаку ставаат на седиштата крзна, затоа што ако се кожни ќе им замрзнат. Се вози лудо на тие екстремни услови, јас со такси кога се возам си викам ќе закочи ли овој на мразот?. Но тие се навикнати така.
Знаат ли нешто за Македонија?
Кога ќе им кажам дека сум од Македонија, тие веднаш реагираат, а ти си Македонец. Сè знаат, каде се наоѓа, па некои знаат и историја, го споменуваа и Александар Македонски. Во Романија на пример кога ќе им кажам Македонија, не знаат каде е, а се преку една држава до нас. Малку тоа не ми е јасно, бидејќи Тјумен е од тука на 5.500 км и кога ќе им кажеш Македонија знаат сè. Со Романците сме на 600 км оддалечени и кога ќе им кажеш Македонија, тие велат Македон што уствари значи на романски јазик, Влав. Не знаат каде е Македонија, а знаат за Србија, Бугарија и Грција. Тоа се во некои случаеви, не сите, но во Русија немало случај некој да не знае каде е Македонија.
Ќе останеш ли уште во Тјумен или дали имаш можеби други планови?
Договорот ми заврши, имам само устен договор со претседателот дека ќе се вратам, но тоа не е на хартија, така што тоа не мора да значи дека ќе биде така. Многу бев задоволен што бев во Русија и би се вратил на тие естремни услови уште една година, за да го научам јазикот и уште повеќе да напредувам во кариерата, исто така и да заработам повеќе. Тешки беа тие услови, уште една година ќе можам да ги издржам, но не знам дали ќе се договориме бидејќи договорот ми е истечен. Многу сум задоволен од соиграчите како ме примија, многу добро беше примена и мојата сопруга од страна на сопругите на моите соиграчи. Мило ми е што Сибир го искусивме заедно и таа ми беше најголемата поддршка. Во тие дружби имаше многу интересни ситуации каде што се гледаат разните навики кај луѓето. На пример кога ќе седневме на чај, Русите не пијат по една шоља чај, туку таму се служи чајот во бокал. И кога дојдоа кај нас на гости Еви им даде чај по една шоља, бидејќи кај нас никој не пие повеќе, но тие бараа уште и ние баравме бокали по дома за да им дадеме на сите по еден бокал. Тие пијат по 4-5 часа, не можеш да ги избркаш, пијат по 5 литри чај. Супер се Русите, јас многу се здружив со нив и уште сум во контакт.
Само чај пијат?
Не, пијат и многу алкохол. Кај нив веројатно пиењето е поврзано со депресијата и ладното време. Се пие многу, јас однесов да пробаат домашна ракија која сам ја правам. Русите не знаат да пијат, пијат се на екс, а тие па велат дека ние не знаеме да пиеме. Тие пиењето така го сфаќаат, што и да пијат, пиво, вино, вотка, го пијат на екс. Инаку не пијат толку вотка како што се зборува, тоа некако е останато руска вотка. Кај нив нема културно пиење, они се прават тапа, значи не пијат по едно или две пива.
Како изгледа дербито Стеауа – Динамо, има ли таков жар и ривалитет како на фудбалското?
Најголемо ривалство меѓу Динамо и Стеауа има во фудбалот, а во одбојката најголем ривалитет има меѓу Динамо и Крајова. Јас бев капитен на Динамо Букурешт 4 години и од Стеауа немав загубено никогаш, прв пат се случи годинава. Инаку Стеауа е секогаш послаб клуб од Динамо Букурешт во одбојка. Се создава атмосфера на дерби, доаѓаат премии кои не се договорени, значи пости ривалитет и доаѓа публика. Тоа е најмногу поради ривалитетот во фудбалот, а поради одбојката најмногу публика имаше на мечот меѓу Динамо и Крајова. Инаку не е тоа како во фудбалот со толку навивање и тепачки. Ако во Романија кажеш дека играш одбојка, Романци што не пратат спорт ќе те прашаат Динамо или Стеауа. Тоа се два препознатливи клуба што нема да згаснат никогаш, тоа се спортски друштва кои ги има во секој спорт. Се вложува многу во Романија, министерството за внатрешни стои зад Динамо, а армијата зад Стеауа, затоа што тоа е армиски клуб. Имаше наши играчи во Стеауа и дербито го игравме против репрезентативци на Македонија, Николов и Јосифов. Имам преговори со Динамо Букурешт, би се вратил затоа што таму навистина уживав. Во Русија четири пати добивав признание за МВП на колото, на неделата, на мечот добивав многу пати, потоа на крај од федерација ме избраа за најдобар техничар на лигата иако не влеговме во Супер лига. Во Динамо бев блиску да извадам и романски пасош, но не го направив тоа од икс причини. Многу се чувствувам таму како дома и секогаш кога ќе отидев во Динамо, претседателот ми викаше „добредојде дома“ и плус и многу поблиску ми беше. Дури и кога се вратив од Русија, седев два дена во Скопје и потоа отидов во Букурешт да се видам со таа тајфа. Така што би се вратил, зошто да не, дури мислам дека најголеми шанси има да се вратам во Динамо.
Цел живот ли си со одбојката?
Не, осум години се занимавав со пливање, но тоа ми беше многу напорно, да станувам рано и да влегувам во ладен базен. Кај нас услови сега има во базените, а порано беа камен ладни и јас како дете не сакав да се смрзнувам. Се натпреварував по државните првенства, имам освојувано први, втори и трети места, дома ќе ми падне плакарот од медали по пливање. Имам поставено и еден рекорд по крал, но не се ни сеќавам колку точно беше времето, веројатно сега е срушен бидејќи тоа беше одамна. Имам освојувано медал во Австрија, Турција, Нови Сад, Белград, Бугарија. За пливањето викаат дека е убаво за развивање, но јас ќе кажам не е точно, се развиваш убаво за изглед, но за друг спорт си полуинвалид, не знаеш да трчаш, да играш фудбал, туку само знаеш да пливаш. Јас потоа имав проблеми во моториката за да напреднам и да бидам побрз. Така што пливањето не ми помогна во одбојката каде што се бара брзина, скок, но ми има помогнато што ме има внесено во некој режим на работа за јас да успеам. Значи редовно станување сабајле, спортски живот, откажување од многу работи, јас не сум бил на екскурзија со другарите од средно, туку сум одел на припреми со пливачите. Бев сериозен пливач, па дури имав и спонзори и заработував на тие години од пливањето. Така што таа навика ми има многу помогнато, за да бидам тоа што сум.