Новак Ѓоковиќ спарингуваше со Македонец за полуфиналето со Синер

Српскиот тенисер утре рано изутрина по наше време го очекува голем мегдан со неверојатниот Италијанец Јаник Синер кој експресно како брз воз стигна до полуфиналето во Мелбурн на Австралијан Опен. Ѓоковиќ денес тренирал со Македонецот Даниел Јовановски кој му бил спаринг партнер. Јовановски е роден во Австралија, игра за оваа земја но има македонски корени.

Јовановски годинава стигнал до 2. коло на јуниорското Отворено првенство на Австралија, а интересно е дека на неговиот Инстаграм профил може да се забележат објави на македонски јазик како и објави посветени на Македонската православна црква.

Јовановски има 17 години и во моментов е на 1.278 место на светската ранг листа, а на јуниорската АТП ранг листа е на 35 место.

Според белградски Спортклуб, Ѓоковиќ имал посебни барања од Јовановски меѓу кои „кик сервис“ и „сервис на Т линијата“.  Тренингот траел околу 1 час после што Србинот се повлекол во соблекувалната.

Новак Ѓоковиќ ги загуби последните пет средби со Јаник Синер кој се испостави дека му е еден од најтешките ривали за совладување во кариерата.

29 јануари 2026 - 14:23