Летната Олимпијада 1904 е многу далечна и далеку од најдобра, ама затоа е епска, неверојатна и најзабавна. Какви времиња биле тоа.
Зборуваме за игри на кои ги вовеле златните медали. Претходно првиот добивал сребро, вториот бронза, а третиот си одел дома со празни раце. Ова е и првата Олимпијада која се одржала надвор од Европа, односно во Сент Луис, САД.
Дестинацијата толку им била далечна, што многу земји не се ни обиделе да отпатуваат, па така на крај се одржала само со 12 земји учеснички. Германија (22) и Канада (56) имале најмногу спортисти после домаќините.
Французите и Италијанците испратиле по само еден претставник, а Австрија, Швајцарија и Норвешка имале по двајца. Од вкупно 651 спортист, 526 биле Американци.
Сега за Олимпијади се трошат милијарди и милијарди евра, но тоа биле други времиња и на пример маратонската патека се состоела од нечист пат на кој тркачите како што трчале така голтале прашина и се натпреварувале на топло време од 33 степени.
Главниот организатор Џејмс Е. Суливан дозволил да има само една станица за вода, бидејќи според него намерната дехидрираност им помагала на тркачите. Со други зборови овие Олимписки игри решил да ги искористи како лабараторија.
Резултат од тоа: 14 од 32 учесници ја завршиле трката, еден бил онесвестен од што вдишал премногу прашина, а победничкото време и натаму е најлошо во историјата.
Кој победил? Америка, што и не било големо изненадување со оглед на тоа што 19 маратонци биле Американци.
А знаете ли што е најјако за трката? Домаќините освоиле и златен и сребрен и бронзен медал, но ниту еден тркач не стигнал до финишот.
Дајте превоз
Една од трите најјаки приказни поврзани со трката е за Фред Лорц кој уствари е прогласен за победник. Добро му одело на Американецот, но по 8 километри трчање имал тешки грчеви и не можел да продолжи. Арно ама начекал една од колите кои ги пратат натпреварувачите и успеал да се качи. По некое време колата се расипала, а Лорц продолжил да трча и стигнал прв до целта.
Гледачите го поздравиле како победник и му го закачиле на врат златниот медал, но потоа некој го издал дека мамел. Се вадел дека тоа било само шега, но од тогашниот Атлетски сојуз не се шегувале и му стегнале едногодишна забрана за настап. Лорц сепак бил сериозен маратонец, бидејќи по истекувањето на казната, следната 1905-та победил на маратонот во Бостон.
Коњак со отров
Втората приказна се однесува на Томас Хикс, кој за малку не победил. На 2,5 километри бил прв, но се почувствувал исцрпено и без енергија. За да го оспособат, неговите тренери го легнале на земја и му дале бренди со стрихин, инаку отровно растение.
Се сметало дека коњакот може да го стимулира нервниот систем, но не му помогнало. Хикс почнал да халуцинира и едвај одел. За време на трката изгубил осум килограми и се претпоставува дека ќе умрел ако немало доктори.
40 часа без храна
Единствениот Кубанец на игрите се викал Андарин Карвахал. Тој стигнал до Сент Луис преку Њу Орлеан, но таму ги загубил сите пари. Пристигнал со улична облека и немал јадено 40 часа. Ги пресекол панталоните за да изгледаат како шорцеви, но за време на трката бил прегладнет и се оддалечил од патеката бидејќи здогледал овоштарник.
Јаболката што ја изел била расипана, добил грчеви во стомакот по што легнал на земја и заспал. По некое време се разбудил, продолжил да трча и завршил на четврто место.
Инаку покрај неколкумината Американци и Кубанецот, трката ја завршиле и двајца маратонци од Јужна Африка на 9-то и 12-то место, а едниот од нив убрзал бидејќи бегал од куче. Исто и Грци, тројца од девет маратонци.
Грција била една од подобро застапените земји со вкупно 14 спортисти, а како што е познато и домаќин на првите Олимписки игри во 1896-та.