Најплатените спортисти во светот се боксери

Магазинот Форбс ја објави својата листа на 100 спортисти со најголема заработка, а изненадувачки на врвот не се Бекам, Леброн или Тајгер Вудс, туку двајца боксери. Флојд Мејведер одработи само две борби, во рингот вкупно помина помалку од еден час и заработи 85 милиони долари.

10. Пејтон Менинг

Членот на Денвер Бронкос, Пејтон Менинг е најдобро платен рагбист во НФЛ лигата. Тој со играње во изминатата година заработи 32,4 милиони долари, а 10 милиони заработи од своите спонзори Рибок и Сони.

9. Кристијано Роналдо

Португалецот е најдобро платен фудбалер со околу 20 милиони долари годишно кои ги заработува од Реал Мадрид. Дополнително тој добива уште околу 22 милиони долари од спонзорите како Најк, Кастрол и Конами.

8. Дејвид Бекам

Бекам заработува најмногу од фудбалерите, но не со играње, туку со рекламирање. Во изминатите 12 месеци тој заработил вкупно 46 милиони долари, од кои само девет му се плата од клубот, а останатите се од Бургер Кинг, Самсунг, Адидас...

7. Фил Микелсон

Голферот Микелсон за овој период освои само два турнири од кои заработи 4,8 милиони долари, но сепак од неговите спонзори како Ролекс и неколку финансиски институции тој си ќари дополнителни 43 милиони.

6. Коби Брајант

Најдобро платениот кошаркар и покрај кратењето на платата заради НБА-локаутот доби 20,3 милиони долари од Лејкерс и уште 32 милиони долари од спонзорите.

5. Роже Федерер

Швајцарецот одамна не е на врвот на АТП листата и нема освоено Гренд слем турнир од 2010-та, а од останатите турнири заработи награди од „само" 7,7 милиони долари, но од спонзорите Најк, Ролекс, Вилсон... си доби уште 45 милиони.

4. Леброн Џејмс

Коби добива најголема плата во НБА, но најмногу заработува Леброн. Тој од Мајами годинава доби 13 милиони, но заработи вкупно 53 милиони долари благодарение на Најк, Кока Кола, Мекдоналдс...

3. Тајгер Вудс

По аферата со проститутките, најдобриот голфер загуби многу спонзори, а нема освоено ниту еден поголем турнир од 2008-та година, по што тој веќе не е спортистот со најголема заработка на планетава. Сепак тој заработи вкупно 55 милиони долари во изминативе 12 месеци.

2. Мени Пакјао

Најпознатиот Филипинец е повеќе од спортист. Тој освен со бокс, во својата земја се бави и со политика, па дури почна и да пее. Неодамна тој ја загуби првата борба од 2005-та година, а за двата меча во последнава година тој доби 56 милиони долари и уште 6 милиони од спонзорите.

1. Флојд Мејведер

Контроверзиот боксер во моментов издржува затворска казна од 87 дена заради претепување на девојката, а во изминативе 12 месеци во рингот помина неполн час и одработи две борби, за што си заработи 85 милиони долари.

19 јуни 2012 - 12:30