Најмачниот настап на Ѓоковиќ на Австралија опен по кој му се случи пресвртница во кариерата

Кралот на отвореното првенство во Мелбурн владее со 10 трофеи во последните 15 години. Овој настап го смета за најголема победа. Но сигурно вечно ќе го памети и оној пред 13 години кога паднал во тоалет на колена. Од мака.

27 јануари 2010-та, четвртфинале на Австралија опен. Новак Ѓоковиќ во обид да стигне до вториот трофеј на далечниот континент, после првиот освоен во 2008-ма. Противник Жо Вилфрид Цонга.

Период во кој минувал низ необјасниво тешки и навидум нерешеливи проблеми во кариерата, веројатно најтешки. Играл еден сет, два, три и потоа паѓал физички, без разлика дали води или губи.

Имал знаење, талент, мотив, како и средства да ги испроба сите познати видови на тренинг и пристап до најдобрите светски доктори. Никогаш не се посомневал што би можело да го попречува. Вежбал правилно и тренирал правилно.

Мислејќи дека проблемот не му е од физичка, туку од психичка природа, почнал да медитира и да вежба јога за да го смири умот. Тренирал опсесивно по 14 часа на ден, секој божји ден и така влегол во топ 10 во светот.

Но целта не му била да стане еден од најдобрите и да не застане некаде во втората класа зад Федерер и Надал. Ѓоковиќ целел кон врвот. 

По низата тешки мечеви кои ги губел во финишот или ги предавал, му се случува тој прочуен настап на Австралија опен пред 13 години. Проблематичен и проследен со пораз, но истовремено се покажал како најкорисен во кариерата.

При водство од 2:1 против Цонга во четвртфинале, не можел да дише и го молел судијата да му дозволи да оди во тоалет.

„Потрчав кон соблекувалната, влетав на терен во тоалетот и паднав на колена. Се фатив за веце шолјата, стомакот ми се грчеше и имав чувство дека ќе ја повратам целата своја сила“.

Потоа се вратил, но нозете му тежеле. Цонга направил пресврт и победил со 3:2. Во еден момент Новак загубил поен со двојна сервис грешка, исцрпен и без сила за да сервира во поле.

„Тој јануарски ден 2010-та тениските коментатори мислеа дека знаат што се случува со мене и зборуваа дека повторно имам напади на астма, а сепак, кога ја направив онаа двојна сервис грешка и кога не можев да дишам, не можев ниту да претпоставам дека ми се случува нешто сосема друго. Од 13 години постојано се задушував, особено ноќе. Се будев целиот зашеметен. Постојано бев уморен. Се чувствував подуен, иако тренирав по три пати на ден.

Страдав од алергии што се влошуваа на влажно време или напролет. Но она што ми се случуваше немаше никаква смисла. Астматичен напад добивате штом ќе почнете да вежбате, тој не се појавува по тричасовен меч. Мојот проблем никако не можеше да биде ниту лошата кондиција. Вежбав исто толку напорно како и другите играчи и сепак во важните мечеви против најдобрите играчи, добро се држев во првите два сетам, а потоа нагло паѓав“.

Како се случил крајот на неговото измачување?

За старт со ѓаволски добра и точна дијагноза дадена на 14.000 км оддалеченост, дека тешкотиите со дишењето му се од таложењето токсини во цревата, настанато со дебаланс во дигестивниот тракт. 

Тоа го утврдил српскиот нутриционист д-р Игор Четојевиќ на кој сопругата во нивната куќа во Кипар му рекла да гледаат тенис. Ѓоковиќ против Цонга.

Четојевиќ го следел неговиот сонародник како се крши на терен и претпоставил дека проблемот се крие во исхраната. 

Тоа е дијагнозата. Потоа на сцена стапува упорниот Ѓоковиќ на кој му се случува пресвртница во кариерата.

Доктор Четојевиќ и татко му на Ѓоковиќ имале заеднички пријатели во Србија. Договориле средба на која го прашал Новак како се храни, како спие, како живее и како е растен. Му дал насоки да креира своја исхрана која ќе му одговара на неговото тело.

18 месеци подоцна со новиот начин на исхрана Ѓоковиќ во 2011-та ги постигнува следниве резултати: 50 победи на 51 меч, серија од 43 победи, 10 освоени турнири од кои три Гренд слем и станува број 1 на АТП.

Подвиг во една година за кој Надал изјавил дека играта на Ѓоковиќ е највисокото ниво во тенисот што некогаш го видел, а некои спортски коментатори ја сметале за најдобрата натпреварувачка сезона во историјата на тенисот.

„Од добар не станав најдобриот во свет за само 18 месеци поради новата програма на тренирање, новиот рекет, новиот метод на вежбање, новиот тренер, па ниту новиот начин на сервирање не ми помогнаа да ослабам, да се здобијам со концентрација и да бидам поздрав од кога било. Тоа го направи новата исхрана. Животот ми се смени затоа што почнав да јадам храна што му одговара на моето тело. Во првите три месеци со новата исхрана ја намалив тежината од 82 на 78 кг, а семејството и пријателите се загрижија дека сум премногу слаб.

Но јас се чувствував посвежо, полн со енергија како никогаш претходно. Бев побрз, поеластичен и ги стигнував топчињата што другите играчи не можеа да ги стигнат, а од друга страна бев посилен од кога било и концентрацијата ми беше нескршлива. Воопшто не се заморував, ниту пак го губев здивот. Алергиите ми се повлекоа, астмата ја снема, повеќе не ме мачеа стравови и сомнежи, туку станав полн со самодоверба. Речиси три години ниту еднаш не добив потешка настинка“.

Само неколку дена откако го исфрлил глутенот, протеин што го содржи пченицата, физички се чувствувал многу подобро. Бил полесен, побрз, со побистар ум и со посвеж дух. Потоа го намалил внесувањето на шеќер и ги исфрлил млечните производи.

Исхраната станала тема која постојано ја усовршувал и задолжително на секое патување барал апартман со кујна за да може и сам да готви. За да сфатите каква е чинијата на шампионот, ќе мора да ја прочитате книгата „Сервирај за победа“, во спротивно статијава ќе стане чаршав со рецепти. Новак внимава на секој залак што ќе го внесе во своето тело, а од тогаш тоа повеќе не го изневерува.

1 февруари 2023 - 14:24