Лејл Вилкокс е американска велосипедистка со ултра издржливост, која постави нов светски рекорд, како најбрза жена која успеала да го сврти светот со велосипед.
Нејзиниот резултат е 108 дена во кои поминала 29.169 км, а претходниот рекорд е на Џени Грем од Шкотска, чие патување траело 124 дена.
Вилкокс стартувала на 28 мај од Чикаго и поминала 21 земја на четири континенти, а на стартната точка се вратила во средата.
Возела 14 часа на ден, а тоа ќе биде потврдено и во Гинисовата книга на рекорди.
Откако тргнала од Чикаго, се упатила кон Њујорк, каде се качила на авион за Португалија.
Потоа поминала неколку недели патувајќи на север до Амстердам, па низ Германија, преку Алпите, на Балканот и преку Турција до Грузија.
Патешествието и продолжило во Австралија, возејќи се од Перт по јужниот брег до Бризбејн каде што полетала за Нов Зеланд.
Откако ги поминала двата острови, се качила во авион накај нејзиниот роден град Енкориџ, па возела по брегот на Пацификот до Лос Анџелес, а потоа тргнала на рутата до Чикаго.
Инаку целото патување, вклучувајќи ги летовите, траектите и јавниот превоз, мора да биде еднакво на вкупно растојание еквивалентно на 40.000 километри, колку што е обемот на екваторот на Земјата.
Минималното растојание поминато со велосипед мора да надмине 28.970 км.
Експертите проценуваат дека велосипедистите со ултра издржливост можат да согорат од 6.000 до 10.000 калории на ден.
Но, рекордот на Американката можеби веќе е под закана. Веданги Кулкарни, 25-годишна индиска ултра велосипедистка, во 65 дена има поминато приближно 7.700 километри. И таа се стреми на резултат под 110 дена.