Како во секој спорт, така и во велосипедизмот, школските трикови се неизоставен дел. Иако постојат официјални правила до кои велосипедистите треба да се држат, сепак тие не можат во потполност да го искоренат она што на самиот асфалт се случува.
Всушност, никој не научил да спортува според правила од книга.
Интересно, на неколку фази од почетокот на годинешниот „Тур де Франс“, веќе има судир меѓу пишаните правила и оние од самиот терен. Првиот сериозен инцидент настана минатата сабота, кога еден од фаворитите, Марк Кавендиш на самиот финиш од првата етапа падна и го повреди десното рамо.
Случајот немаше да привлече толку големо внимание ако Кавендиш не се обидеше некоректно да го претекне Сајмон Жеранс туркајќи го со главата.
Снимките од спорниот момент покажуваат како Кавендиш се обидува да придобие поголем простор пред себе и на тој начин прекршил едно од пишаните правила.
„Се извинувам на целокупната јавност и на Сајмон за тоа што го сторив. Навистина беше некоректно во жарот на борбата пред самиот финиш да постапам така“, изјави Кавендиш.
Австралиецот Жеранс после трката изјавил дека секому може да се случи такво нешто кога мислите се веќе на подиумот.
Од сиот настан останаа само изјавите на сведоците, но не и реакција од официјалните лица кои требаа да го казнат Кавендиш. Со тоа, уште еднаш се потврдија тврдењата дека непишаните правила во велосипедизмот доминираат над пишаните.
Во Пелотонот или групата велосипедисти кои се на првите неколку места за време на трката постојат следните неофицијални договори како на пример:
- Никогаш не ја претекнувај жолтата маица (лидерот на трката), дури и да си на само неколку секунди од него;
- Не претекнувај за време на одморот и паузата;
- Не ја претекнувај жолтата маица ако има незгода или технички проблем;
- Лидерите на трката може да се договорат заедно да успорат ако условите за возење се ризични;
Ако некој се сомнева во овие договори меѓу возачите, треба само да ги погледне годинешните трки и самиот ќе се увери во „уличните“ правила. Уште поубедливо делуваат примерите од некои претходни трки, како оној на Неиро Квинтана кога „нападна“ да претекнува за време не неутрализација и успорување на групата лидери, за време на „Џиро д’Италија“ годинава.
Сериозни критики претрпе и Алберто Контадор во 2010 година, кога во за време на 15. Етапа се обиде да го претекне Енди Шлек чијшто ланец се откачи.
Сепак, дека медалата има и друга страна покажа Јан Урлих кога во 2003. година го чекаше Ленс Армстронг кој падна неколку метри претходно.
Кога сме кај оние строги правила на хартија, ќе забележиме дека:
- Тркачот не смее да се потпира на тимско или било кое друго возило;
- Нерегуларно да го турка својот велосипед со раце и така да добие на брзина;
- Да се одмора близу возилото;
- Да не турка никој околу себе и физички да ги загрозува останатите учесници;
По се’ изгледа дека големата историја на ујдурми за време на трките своето оправдување го има во тешката борба за опстанок на стазата и големиот напор кои го пружаат велосипедистите. Сепак, велосипедизмот е возбудлив токму и поради тие непишани правила меѓу учесниците.