Педесет и две годишниот Том Гилби е маратонец на сезоната, од причина што остварил една прилично луда идеја. Тој се пријавил на главниот настан, на маратонот долг 42 километри и чесно ги истрчал до крај, со тоа што на секое застанување пиел по чаша вино.
Во превод: 42 километри - 25 вкусени различни вина.
Гилби (52) го снимал својот потфат за ТикТок каде веќе добил прекар винскиот човек, а тоа го правел со цел да собере средства за палијативна нега (сеопфатна здравствена, психолошка, социјална и духовна) за болните од неизлечиви болести. Оваа нега настојува да се ублажи болката и покрене квалитетот на животот на пациентите со краток животен век.
Британецот собрал 15.900 фунти за Собел Хаус, дом за стари лица кој како вели Гилби „ја негуваше и лекуваше мојата драга мама во нејзините последни денови“.
„Ова е мое прво вакво апсолутно лудо искуство и се чуствувам почестен. Се работи за голема донација, а тие се еден од многуте домови за стари лица кои се отепуваат од работа за да направат голема разлика“, вели Гилби.
Како маратонот во Лондон да не му бил доволно тежок, па родениот Лондонец Том Гилби си дал предизвик да дегустира, да вкуси различни вина, домашни и странски.
„Беше многу смешно, зошто кога ќе ве престигне фрижидер и камила со две грбки, може навистина да се депримирате освен ако не знаете дека зад ќошето има убаво вино со пријателски лица да ве поддржат“, додава Гилби.
Вели и дека успеал точно да погоди вкус, земја, потекло на дури седум од вината, не можел да погоди четири од нив а за другите „малку погодил, малку утнал“.
„Ако беа доволно добри, ги голтав, а ако беа лоши, завршуваа на патот. Мислам дека болките од трчањето ми дозволија да не чувствувам ништо друго освен потребата да завршам. Мислам дека е преубав начин да се остане трезен“.
Последната чашка му била шампањско, во знак на прослава што ја поминал линијата на целта. Го истрчал маратонот за четири часа и 41 минута.
Победник на лондонскиот маратон бил Александар Муњао од Кенија кој истрчал 42 километри за два часа и четири минути. Кај жените златен медал освоила Олимпијската шампионка Перес Џепчирчир која истрчала за два часа, 16 минути и 16 секунди.
„Бев тотално исцрпен, тотално издишан, ама беше прекрасен ден и атмосферата беше преубава, така што навистина не е важно колку е напорно. Мислам дека во животот, понекогаш добиваш некоја луда идеја која што има смисла, ама две луди идеи ретко имаат смисла, така што го охрабрувам секој да има луда идеја за добра причина и да види што ќе биде“, заклучил Гилби.