Избраниците на Васко Скендеровски имаа претешка задача на дуелот против Шпанија, а тоа беше минимум нерешен резултат за освојување на второто место во групата кое носи во баражот за Еврошампионатот.
Вечерашната средба во салата Борис Трајковски почна со автоголот на Тодоровски во 5 минута, но нашите репрезентативци веднаш уште во следниот напад успеаа да израмнат преку Крстевски.
Шпанците ја диктираа играта и на полувреме стигнаа до предност од 3:1 преку Аикардо и Пола, а мрежата во вториот дел ја наполнија уште и Раул Кампос, Фернандао, Лин и Марио Ривиљос за конечни 7:1.
Црвената фурија“ е првопласирана во групата со три од три и 9 освоени бодови, а Македонија има 4 бода исто колку селекцијата на Унгарија која денеска славеше 8:2 над Швајцација и поради подобрата гол разлика завршува втора во нашата група.
Втората можност за освојување на баражот беше да патуваме како најдобро третопласирана селекција, но тоа пропадна бидејќи Романија не успеа да слави над Португалија која беше подобра со 4:1.
Пред стартот на мечот претседателот на ФФМ Илчо Ѓоргиоски им подари дрест со број 100 на капитенот Зоран Левески и Оливер Јовановски за јубилејниот настап за футсал селекцијата.