Кореецот кој заиграл тенис за да го подобри видот, сега е сензација

Во Јужна Кореа двегодишно служење воен рок не можеш да избегнеш па да си син на претседателот лично. Но едно талентирано дете кое имало проблеми со видот и кое го здрма тенискиот свет служело само четири недели. Кој е тој Хен Чон?

- Како ги изведе сите тие удари? И тоа против Новак?
- Не знам. Просто се трудев да го копирам Новак зошто тој ми е идол.

Ова беше разговорот меѓу 4-кратниот шампион на „Гренд Слем“ Џими Курие и 21-годишниот Кореец Хен Чон којшто го направи најголемото изненадување откако го победи Ѓоковиќ во четвртото коло од Australian Open со резултат 7:6, 7:5, 7:6.

Курие не е единствениот кој во понеделникот го спореди Чон со Ѓоковиќ. Големиот Грег Руседски пиша на Твитер: „Чон ми изгледа како копија од Ѓоковиќ. Неверојатно движење и еластичност. Психолошки непоколеблив“. Интересен коментар имаше и Џејми Мареј: „Чон го правеше со Новак тоа што Новак го правеше со сите останати во последните пет години“.

И вистина е дека Кореецот беше неверојатен. На теренот нема точка од која не може да врати топче, и нема такви ситуации кои изгледаат безнадежни а од кои нема да врати некој ненормален форхенд. Имаше десетина такви удари против Ѓоковиќ.

И најважно - психолошки ништо не може да го скрши Чон. Минатата година тоа го објасни и талентираниот Андреј Рублев: „Што и да биде, тој никогаш не спушта раце. Секогаш се бори. Никогаш не се жали, никогаш не покажува емоции. Благодарение на тоа победува на тешки мечеви“.

На дуелот против Новак Ѓоковиќ, Чон постојано докажуваше дека тоа е вистина. Например, на крајот од третиот сет, при резултат 4:4 и 5:5, он двапати се врати од 0:30 во гемови на свој сервис. Ѓоковиќ не го скрши Чон ниту тогаш кога навивачите активно навиваа за Србинот. Кореецот спокојно ги врати сите напади и го изнесе големиот товар на грб, како Мајкл Џордан некогаш.

Шампионот на Вимблдон од 1987 година, Пети Кеш во една минута го опсипа Кореецот со комплименти кои обично се упатуваат на адреса на Роџер Федерер:

„Чон толку јасно гледа и така чисто трча по топката, изгледа два пати подобро од противникот“.

Хен Чон сега стана првиот Кореец во историјата кој стигнал до 1/4 финале на „Гренд Слем“, и третиот човек во историјата кој го совладал Ѓоковиќ со 3:0 во Мелбурн. Пред него тоа им тргна од рака само на Роџер Федерер (2007) и Марат Сафин (2005).

Заедно со Чон неочекувано во четвртфиналето на „Гренд Слем“ стигна и 97-от светски рекет Тенис Сандгрен (спремаме статија и за овој талент со чудно име).

ПОЧНАЛ ДА ИГРА ТЕНИС ЗА ДА ГО ПОДОБРИ ВИДОТ

Чон уште од детството имал слаб вид и ден-денес игра со специјализирани очила: „Имам силен астигматизам, но наочарите веќе ми станаа дел од телото, така што не ми е тешко да играм со нив“, вели чудесниот тенисер од Јужна Кореа.

Токму проблемите со видот го втурнале Чон во тенисот. Окулист ги советувал неговите да најдат било каква занимација за него во која мора да гледа на зелена подлога. Татко му Сук Жин - и самиот поранешен тенисер, решил дека тенисот прекраснно ќе ја замени стандардната гимнастика.

Се покажало дека Чон е ретко талентиран играч. Во 2008 година ги освоил двата најпрестижни јуниорски турнири во категорија за играчи до 12 години - Eddie Herr International и Orange Bowl и две години ја посетувал академијата на Ник Болетиери (кај него израснаа едни Шарапова, Агаси, Ѓоковиќ). Во 2012 година почнал да игра на јуниорските турнири од ITF, а во 2013-та се пласираше во финалето на Вимблдон отако претходно ги совлада Ник Кириос и Борна Чориќ.

Во професионалниот тенис Чон влегол во 2015 година: досега освоил четири „Челенџера“, играл во четвртфинале на ATP турнир, се појави на Вимблдон и дебитираше на Гренд Слем, а на US Open ја оствари и првата победа на професионално ниво во ITF.

За само една сезона 19-годишниот Кореец скокнал повеќе од 120 места и се приближил до Топ-50, а ATP го прогласи за „Играч со најголем развој во една година“.

Чон не можел да ја подигне армијата лично зошто во тоа време служел војска. За триумфот на Азиските Игри 2014-та, задолжителната 2-годишна служба во војска му ја скратиле на 4 недели.

Минатата година Чон го освоил првиот младински турнир во историјата на ATP во Милано. Формално може да го сметаме за најдобриот млад тенисер на светот.

БОЛЕТИЕРИ НЕ ВЕРУВАЛ ВО НЕГО

Во едно од скорешните интервјуа, Ник Болетиери отворено раскажал за работата со Кореецот во академијата кога овој бил помал: „Чесно да признаам, никој не мислеше дека тој ќе постигне такви резултати. Беше слабичок, но добро трчаше. Некако остана во сенка на Кеи Нишикори“.

Една година после академијата на Болетиери, Чон сериозно се сменил: израснал, се извишил до 185 сантиметри, а сега веќе почнал да формира и мускулна маса. Што е најважно, веќе не го плашеле промени. Негови основни проблеми биле сервисот и форхендот, но минатата година 6-недели по ред работел на првиот сервис и експериментирал со техниката.

На крајот од минатата година во неговиот тим влегол Невил Голдвин кого ATP во 2017 го избра за тренер на годината по одличните успеси со финалистот на US OPEN, Кевин Андерсон. А Чон и натаму го тренира најдобриот тенисер во историјата на Јужна Кореа Хјоон Таик Ли.

НЕ ГО ИНТЕРЕСИРА СЛАВА

Денес во професионалниот спорт невозможно е да работиш без англиски јазик, но Хен Чон почнал да го учи после прогресивната сезона 2015. Сега збори сосема пристојно и коректно. Во Кореа главниот тенисер не го ни познаваат на улица:

„Мене ме познаваат само на теренот, зошто тенисот кај нас не е популарен. Не е како фудбалот, бејзболот, кошарката или пливањето“, рекол Чон во 2016-та. По триумфот во Милано каде играа најдобрите млади таленти на светот, неколку новинари го пречекале на аеродромот но ништо не се сменило.