Болт, Блејк и Вир. Тоа се тројцата спринтери кои застанаа на пиедесталот и ги добија медалите од трката на 200 метри. И тројцата се од Јамајка.
Слично беше и на трката на 100 метри. Таму на првите две позиции завршија Болт и Блејк. Јамајканците уште од 2008-та година ја прекинаа доминацијата на спринтерите од САД на трката на 100 метри.
Што се крие зад успехот на спринтерите од оваа земја со само 2,8 милиони жители?
Додека во другите земји се популарни спортовите како фудбал или кошарка, во Јамајка сите сакаат да трчаат. Но не било какво трчање. Сите сакаат да бидат спринтери. На квалификацииските трки за Олимписките игри, на трката на 10 километри се пријавиле само двајца атлетичари, а еден од нив бил Американец со потекло од Јамајка.
Начинот на живот е важен фактор во развојот на спортистите од Јамајка. Сите добри атлетичари потекнуваат од руралните средини каде што децата се хранат здраво и секојдневно поминуваат долг пат пешки до училиште.
Некои тренери веруваат дека тајната на успехот е во тренингот на трева. Во Јамајка има само пет атлетски тартан патеки и многу патеки на трева. Дури и Болт до својата 18-та година тренирал на трева. Трчањето на трева е потешко од трчањето на нормална патека и тоа ги зајакнува мускулите.
Огромна заслуга за успехот на спринтерите од Јамајка му се должи на еден човек. Тоа е Глен Милс, тренерот на тројцата најбрзи спринтери Болт, Блејк и Вир. Тој не сака многу да патува, па трките ги гледа на ТВ или пак на снимки на YouTube и потоа преку телефон им кажува на спринтерите што треба да сменат.
Запрашан за тајната на успехот на Јамајка, Милс одговара:
„Тука нема тајна. Нашата тајна е самодовербата и напорното работење."