Кога Борис Бекер стана дел од тимот на Новак Ѓоковиќ, навивачите се прашуваа дали тоа значи и заминување на Марјан Вајда, човекот кој е најзаслужен за подемот на Ноле. Сите нови елементи кои Германецот ги донесе не дадоа резултати веднаш, преку ноќ, но тимот се воигра и сега функционира одлично за што доказ се трофеите на Ѓоковиќ.
„На почетокот беше многу тешко. Бев во ситуација или веднаш да заминам или да стојам од страна и да се обидам да направам рамнотежа. Почекав да видам како ќе се развива ситуацијата. Подоцна најдовме начин да функционираме, но тешко беше затоа што Новак ги немаше посакуваните резултати. Првите шест месеци беа најтешки, но сега се оди како треба. Борис подоцна ми призна дека тренерската работа е многу поразлична од играњето тенис или коментирањето“, изјави Вајда во интервју за Вечерње новости.
По долги години и напорни патувања со Србинот, Марјан Вајда во последно време има повеќе простор да биде со семејството. Така беше и за Вимблдон, кога Борис Бекер беше на тренерската столица во ложата, а Вајда одморал во Словачка.
„И јас бев на тревна подлога, ја косев тревата во дворот пред куќата“, вели Вајда кој додава и дека во договор со Ѓоковиќ малку се повлекол од обврските во стручниот штаб и за време на Вимблдон останал со семејството.
По освојувањето на Вимблдон, Новак го чекаат обврски на следниот Грен слем УС Опен. Вајда веројатно ќе го пропушти и тој турнир, иако е главен и одговорен за подготовките.
„Буквално цела година патувате со играчот и затоа сте негов личен тренер. Кога зборував за тоа со еден психолог, му кажав дека му се воодушевувам на Новак затоа што е во состојба цел меч да држи концентрација на високо ниво. А психологот ми одговори “Зошто зборуваш само за него, истото важи и за тебе“. Навистина, понекогаш не сте свесни дека тренерите се под поголем стрес од играчите, признава Вајда дека емоциите некогаш се во преден план.
Харизматичниот Словак зборуваше и за вината која им ја префрлале по неуспехот на Новак на Ролан Гарос.
„Беше многу тешко да се избориме со тоа финале. Изгледаше како по секоја цена да се бара некој виновник. Поставивме тактика, секогаш вежбаме кој што ќе каже, се трудиме да направиме добра атмосфера. Пред финалето притисокот беше огромен, емоциите пукаа. После поразот сите ги генерализираа работите. Борис Бекер и јас сме тим и секоја критика на негова сметка оди и на моја во исто време“, констатира Вајда.
Словакот е во тимот на Ѓоковиќ од јуни 2006. година и за овие 9 години Новак често потенцираше дека Вајда му е како втор татко и човек на кој може да му каже се. Следната мисија, заедно со Бекер им е УС Опен.