Карлос Алкараз е шампион на Ролан Гарос

Младиот шпански тенисер Карлос Алкараз триумфираше во големото финале на Ролан Гарос откако после голем пресврт го совлада Александар Зверев со 3:2 во сетови.

Младиот Шпанец Карлос Алкараз по прв пат во кариерата стигна до пехарот на Ролан Гарос и ги обедини трите трофеи со оној од Отвореното првенство на САД како и Вимблдон.

Зверев може да жали што по којзнае кој пат во кариерата игра сјаен тенис, има водство и се наоѓа на чекор од првиот Гренд слем, но никогаш не успева до крај да ја заврши работата.

Шест години помладиот Алкараз покажа повеќе храброст и тениска ароганција во пресудните моменти и на крајот заслужено славеше титула, прва за него во Париз. Зверев може да жали за уште една пропуштена прилика да освои титула на „Филип Шатрие“, а на претстојните Олимписки Игри во главниот град на Франција ќе се обиде по втор пат во кариерата да стигне до олимписки медал после оној во Токио.

Карлос Алкараз сега може да се пофали дека е најмладиот тенисер во историјата кој на 21 година ги обединил пехарите од трите Гренд Слема Вимблдон, УС Опен и Ролан Гарос.

Овој триумф на Алкараз ќе му го донесе второто место на светската ранг листа а интересно за првпат после многу долго време Новак Ѓоковиќ ќе падне на трета позиција на ранг листата. Прв од понеделник е младиот Италијанец Јаник Синер.

Што се однесува до Саша Зверев, тој го загуби и второто финале на еден Гренд Слем откако пред четири години беше поразен во дуелот за титула на УС Опен.

9 јуни 2024 - 21:44