Кениец од публика лажирал второ место на маратон

Џулиус Енџогу е обвинет дека се сокрил меѓу публиката и дури на крајот ја продолжил 42-километарската трка во Наироби каде го освоил второто место за кое добил 7.000 долари. Во финишот го откриле дека воопшто не трчал.

Кениецот Енџогу кој без никаков срам се приклучил кон трката на Меѓународниот маратон во Кенија и ги престигнал видно изморените тркачи за да заврши втор и освои награда бил уапсен од полицијата, која открила дека Енџогу се криел во публиката и ги истрчал само последните пар километри.
 
Лажниот тркач со невообичаен спринт во последните метри ги поминал другите натпреварувачи и лесно влегол во финишот на стадионот Енјајо во Најроби. Заработил 7.000 долари како награда за второто место пред да дознае организаторот кој го дисквалификувал.
 
Официјалните лица велат дека Енџогу не покажувал никакви знаци на замор и не бил испотен во финишот на 42-километарскиот маратон. Откриле дека сè на сè Кениецот го истрчал последниот километар откако се приклучил од гледалиштето.
 
Во тој момент втор бил видно изморениот Шадрак Кипто, а прв низ целта минал Џошуа Кипкорир кој трката ја завршил за два часа, 13 минути и 25 секунди. Елизабет Румокои победила во женска конкуренција за 2 часа, 29 минути и 32 секунди.
 
Неколку телевизиски канали ги пренеле снимките на кои се гледа како Енџогу се расправа со организаторите, а во еден момент ги соблекол патиките за да ги покаже плускавците на нозете како доказ дека навистина трчал 42 километри.
„Го следев водечкиот тим од почеток до крај и него не го видов. Нема да му биде пресметан резултатот. Многу сум разочаран што некој може вака да лаже во денешно време. Тој не заврши втор“, изјави директорот на трката Ибрахим Хусеин, поранешен шампион на маратоните во Бостон и Њујорк после чија реакција Енџоџу бил уапсен од полицијата.

Во 2013-та, две атлетичарки биле дисквалификувани од маратонот во Најроби откако исто се обиделе на измама да стигнат до подиумот на женската трка.
 
27 октомври 2015 - 09:41