
Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Македонија на меѓународен план му припадна на проф.д-р Јошко Миленкоски, истакнат македонски одбојкар, универзитетски професор, долгогодишен одбојкарски тренер и актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација.
Миленкоски како тренер предводеше врвни клубови и репрезентации во Македонија, Турција, Грција, Тунис и Црна Гора, освојувајќи шампионски титули, национални и суперкуп трофеи, како и учества во елитни европски натпреварувања.
„Оваа година е година во која го прославувам својот јубилеј – 50 години во одбојката, без ниту еден ден прекин во мојата кариера. Над 10.000 тренинзи, повеќе од 2.000 натпревари, повеќе од 100 натпревари со македонската одбојкарска репрезентација на највисоко европско и светско ниво, повеќе од 100 објавени научни и стручни трудови, неколку книги по одбојка во Македонија и во странство, па сѐ до улогата на селектор и спортски амбасадор на Македонија, мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Победував, но и губев, освојував многу трофеи и награди и признанија, повеќе од 50 медали и трофеи на национално и меѓународно ниво. Сето тоа претставува мој заеднички успех со клубовите и репрезентациите кои ги водев“, рече Миленковски.
„Им честитам на сите добитници, оваа награда е пример како треба да се претставува спортот и државата, да се промовираат вистинските вредности и да биде мотив за сите идни добитници, спортисти и спортски работници“ порача министерот Борко Ристовски на свеченото доделување на наградите.
Државна еднократна награда „8 Септември“ за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).