Историска титула и светски број 1 за Федерер

Британија имаше шанса по пауза од 76 години да има свој шампион на 126-то издание на Вимблдон, но Роџер Федерер го совлада Енди Мареј и ја освои својата 17-та Гренд Слем титула која повторно ќе го врати на врвот на АТП листата.

Швајцарецот Роџер Федерер стигна ја освои својата седма титула во осмото финале на Вимблдон. Со оваа победа тој се израмни со Пит Сампрас кој беше единствен до сега кој ја го освои Вимблдон седум пати, а за Федерер ова беше вкупно 17-та Гренд Слем титула.

Со оваа победа Федерер веќе од понеделник се враќа на врвот на АТП листата и ќе го сруши рекордот на Сампрас кој помина 286 недели на врвот, а Федерер како прв тенисер на светот има поминато една недела помалку.

Енди Мареј имаше шанса да биде првиот Британец по пауза од 76 години кој го освоил Вимблдон, но Шкотланѓанецот немаше сили да го сопре Федерер и остана некрунисан и по четири финалиња на Гренд Слем турнири.

Епската битка, како што беше најавувана во британските медиуми започна со агресивна игра од Мареј кој го освои првиот сет, но во вториот сет Федерер започна да потсетува на неговите најдобри денови и израмни на 1:1.

Третиот сет беше прекинат заради дожд и откако беше затворен кровот на централниот терен, мечот продолжи по пауза од 35 минути.

Федерер продолжи со својата доминација и славеше по три часа и седум минути игра со 4:6, 7:5, 6:3, 6:4.

8 јули 2012 - 19:59