Ѓоковиќ: Ме отруја со храна во хотел во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ излезе со шокантни тврдења поврзани со неговата најнеславна епизода на Австралија опен, кога го депортираа од земјата поради тоа што не беше вакциниран.

Депортацијата на Новак Ѓоковиќ од Австралија и држењето во притвор беа топ тема во тој јануари 2022.

Престојуваше неколку дена во хотел за мигранти, познат по лошите услови. Тоа беше еден вид на притвор, каде мораше да ја чека разврската околу неговиот случај кој заврши на суд.

Во интервју за „GQ" кое го дал на јахта во Црна Гора, српскиот ас открил непознати детали. Тогаш потенцираше дека лошо се однесувале со него, а сега изјави дека верува дека бил отруен од храна во хотелот.

„Баш се разболев. Но, откако поминаа неколку дена кога еден обичен вирус ме направи толку нестабилен, ме прегледа медицински тим. Ова се случи неколку пати, а потоа направив токсикологија. Кога се вратив дома, имав здравствени проблеми и сфатив дека сум отруен од храна во тој хотел во Мелбурн. Ова никому не сум го кажал јавно, но кога се вратив во Србија открив високо ниво на тешки метали во себе, а тоа беа олово и жива“.

Кога се вратил дома не се чувствувал добро.

„Се чувствував многу лошо. Беше како грип, само обичен грип. Но, кога поминаа неколку дена, еден едноставен грип ме однесе далеку. Имав тим за итна медицинска помош кој ме лекуваше дома неколку пати, а потоа морав да правам тестови“, изјави Ѓоковиќ.

И после тоа не размислуваше да се вакцинираш?

„Не, не. Затоа што не се чувствувам дека ми е потребно. Јас сум здрава личност, се грижам за своето тело и за моите здравствени потреби. Јас сум професионален спортист и поради тоа сум екстремно свесен за тоа што го конзумирам. Правам редовни тестови, тестови на крвта. Точно знам што се случува. Важно е да се знае дека не сум бил закана за никого, затоа што имав антитела“.

И три години потоа, тој се уште има трауми и се врти на аеродром за да види дали му се приближува некој од миграциската зона. 

„Траумата е сè уште присутна и кога ќе поминам низ пасошка контрола, проверувам дали некој од миграциската зона се приближува. Така се чувствувам, признавам. Дојдов една година подоцна и победив. Моите родители беа таму со целиот тим и тоа беше една од најемотивните победи што сум ги имал, после тоа што го поминав претходната година“, нагласи Новак.

За тврдењата дека е отруен, се огласи и австралиското Министерство за внатрешни работи, кое накратко за „GQ“ изјавиле дека од безбедносни причини не можат да коментираат поединечни случаи.

Во меѓувреме, Ѓоковиќ во Австралија доби новинарско прашање, дали има докази дека бил отруен од храна?

„Таа статија излезе вчера, но јас го направив тоа интервју многу месеци пред тоа. Не би сакал да не зборувам сега за тоа, затоа што целта ми е да се фокусирам на тенисот. Ако ве интересира што точно мислев, прочитајте ја таа статија“, заврши Ѓоковиќ.

Следната година тој се врати во Мелбурн како учесник на Австралија опен и возврати со најдобриот можен одговор, а тоа е трофеј број 10 на овој Гренд слем. 

10 јануари 2025 - 11:20