Светскиот број еден Новак Ѓоковиќ и деветкратниот шампион Рафаел Надал ќе играат меч за кој се дискутира и анализира уште пред ждрепката за Ролан Гарос. Двајцата големи ривали четврта година по ред ќе играат еден против друг на Ролан Гарос а денешниот дуел ќе биде 44. меѓусебен за Србинот и Шпанецот.
Надал, кој денес полни 29 години има неверојатен учинок на Гренд Слемот во Париз со дури 70 победи и 1 пораз. Ѓоковиќ ги загуби сите шест дуели со Надал на Ролан Гарос, по што сега ќе се обиде да стигне чекор поблизу до единствената Грен Слем титула што му недостасува во кариерата.
Последните три победи на Рафа над Ноле дојдоа во финалињата 2012 и 2014, како и во полуфиналето во 2013. Од друга страна, Ѓоковиќ игра фантастична сезона и има 26 победи по ред, загуби само два пати годинава и нема пораз од февруари.
Од почетокот на 2015-та, Ѓоковиќ по петти пат го освои Аустралијан Опен, а трофејот го креваше и во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло и Рим. Надал, кој ако денес загуби за прв пат ќе испадне од ТОП 10 листата изјави дека иако притисокот е врз Ѓоковиќ, ова ќе биде најтешкото четврт-финале што некогаш го играл.
„Мојата ситуација е поразлична од онаа на Новак. Ако не победам, ќе размислувам за следните турнири“, изјави Надал кој не играл вака рано против Ѓоковиќ уште од Рим 2007-ма година.
Во периодот од 2006. до 2010. Рафаел Надал имаше 16 победи и само 7 порази во дуелите со Новак Ѓоковиќ. Од 2011. до 2015. ситуацијата е драстично на страната на Ноле кој има 13 победи и 7 порази.
Ѓоковиќ верува дека Надал како и секогаш ќе игра како на домашен терен, поради тоа што централниот терен на Ролан Гарос најмногу му одговара.
„Условите се совршени за неговата игра. Тој сака да игра на Филип Шатрие затоа што му е омилен терен“, додаде Ноле.
Победникот од овој меч ќе игра против победникот од дуелот меѓу треторангираниот Енди Мареј или седморангираниот Давид Ферер кој е вицешампион на Ролан Гарос од 2013. година. Ферер ќе се обиде на Сузан Леглен теренот да стигне до третото полуфинале по ред.
Енди Мареј има учинок од 9-6 против 33-годишниот Шпанец кој победи на сите четири меѓусебни средби на земја, вклучувајќи го и последниот на Ролан Гарос во четвртфиналето во 2012. Кај жените, светскиот број еден Серена Вилијамс ќе игра против вицешампионката од 2012-та Сара Ерани од Италија. Победникот ќе игра против Тимеа Башински или Алисон Ван Увтанк од Белгија која е дури 93-та на ВТА листата.