Делии бараат да се поништи европската титула на Црвена Звезда

Навивачката група Делии Север побара да им се одземе титулата на Звезда од Купот на европски шампиони од 1991-ва година, бидејќи подоцна е утврдено дека во составот на тимот не биле сите фудбалери од српска националност.

Тие бараат поништување на титулата од Бари, како и онаа од Токио каде станаа светски прваци, со што европската круна ќе му припадне на Олимпик Марсеј, а светската на Коло Коло кои беа финалисти.
„Управата на клубот вешто низ годините го криеше податокот дека за оваа генерација не играле само Срби. Неодамна е утврдено дека Роберт Просинечки е Хрват, Рефик Шабанаџовиќ Бошњак, Илија Најдоски Македонец. Дури се испоставило дека стрелецот на решавачкиот гол од пенал, Дарко Панчев, не е Србин од едно село покрај Крагуевац, туку Македонец. На Македонциве можеби некогаш можеме да им простиме, но Просинечки и Шабанаџовиќ никогаш нема да бидат браќа“, смета еден од Делиите кој бараше да остане анонимен.
Тој напоменува дека ако се утврди дека не може да се поништи титулата на Звезда, план Б е да се избришат сите голови на Просинечки од походот до титулата.
„Звезда во четвртфинале не го совлада Динамо Дрезден во Белград со 3:0, туку со 2:0. Во пенал серијата во финале не постигнаа 5 гола, туку 4, а ние бараме да се овозможи барем во пенал серијата наместо Просинечки да шутира некој православен Србин“, вели анонимниот соговорник.
Оваа врвна кромид вест е инспирирана од неодамшниот банер на навивачите на кошаркарскиот клуб Црвена Звезда, кои истакнаа дека им смета тоа што новото засилување Ален Омиќ е муслиман.

Инаку 25 годишниот Омиќ кој е роден во БиХ, во првото интервју за клупскиот сајт изјави дека е атеист.
31 јануари 2018 - 16:11