Чии се 100-те медали на Србија?

Нашиот северен сосед го прослави 100. медал освоен на Олимписките игри, наследувајќи ги и медалите освоени од сите спортисти од СФРЈ, па сега на пример златниот медал на Шабан Трстена од Лос Анџелес и е припишан на Србија.

Првото учество на Србија на Олимписки игри е во 1912-та година како Кралство Србија. Од 1920-та до 1936-та година учествува како дел од составот на Кралството Југославија и во овој период на три Олимпијади освоени се осум медали и тоа сите осум од словенечки гимнастичари.

Потоа следуваат СФРЈ, СР Југославија, па се до Србија и Црна Гора на Олимписките игри во 2004-та година и за овој период спортистите кои настапувале за овие земји освоиле 95 медали.

Како Србија, тие се појавија на Олимписките игри во Пекинг кога освоија три медали (сребро за Чавиќ, бронза на Ѓоковиќ и бронза на ватерполо репрезентацијата), а во Лондон тие освоија уште два медали во стрелаштво (бронза за Златиќ и сребро за Максимовиќ).

Па така Олимпискиот комитет на Србија како правен наследник на Југословенскиот олимписки комитет и Олимпискиот комитет на Србија и Црна Гора на петте освоени медали на Србија во периодот 2008-2012 ги додаде и 95-те медали од 1920-та до 2006-та година и го прослави освојувањето на 100 медали на Олимписките игри во Лондон.

Во Хрватска веќе се разгореа дебатите околу присвоените медали. Претседателот на Хрватскиот олимписки комитет изјави дека формално-правно ХОК не може да ги брои медалите освоени од Хрвати во дресот на Југославија, но новинарот на Јутарњи лист го поставува прашањето: „Како може покрај имињата на кајакарот Љубек, пливачката Бједов, боксерот Парлов, атлетичарот Михалиќ и бројни други спортисти да стои „Србија""?

Ние без да навлегуваме во некакви правно-политички дискусии, би сакале само да ги напоменеме имињата на Македонците кои освоиле медали пред 1996-та година, односно медали кои сега ги наследи Србија:

Злато:
Рим 1960 - Видиниќ Благоје (фудбал)
Лос Анџелес 1984 - Трстена Шабан (борење)

Сребро:
Мелбурн 1956 - Видиниќ Благоје (фудбал)
Монтреал 1976 - Георгиевски Благоја (кошарка)
Лос Анџелес 1984 - Реџеповски Реџеп (бокс)
Сеул 1988 - Вангеловска Стојна (кошарка)
Сеул 1988 - Трстена Шабан (борење)

Бронза:
Монтреал 1976 - Русевски Аце (бокс)
Москва 1980 - Сејдиу Шабан (борење)
Лос Анџелес 1984 - Сејдиу Шабан (борење)
Лос Анџелес 1984 - Салиху Азис (борење)
Лос Анџелес 1984 - Ѓуровски Милко (фудбал)

6 август 2012 - 11:26