Чешки атлетичар распнат зошто изнел став за руски и белоруски спортисти

Давид Свобода е чешки атлетичар кој во 2012-та година на Олимписки Игри освоил златен медал во петобој. Сега во Чешка Република го ставиле на столб на срамот затоа што кажал свое мислење за колегите од Русија и Белорусија.

Во едно интервју за јавниот сервис, Чешка телевизија (ČT), атлетичарот Свобода меѓу другото, бил прашан и за актуелната тема за учество на спортисти од Русија и Белорусија на Олимписките игри 2024 во Париз.

„Војната во Украина сè уште трае, а прва жртва на војната секогаш е вистината. До граѓаните стигнуваат многу информации кои се контрадикторни“, рекол Свобода и рекол дека на руските и белоруските спортисти треба да им се дозволи да учествуваат на Олимписки игри зошто тие не се виновни за тоа што се случува.

На констатација на водителката дека резолуцијата во ООН за осуда на руската агресија ја поддржале многу земји, атлетичарот рекол дека можеби грешат.

За злото по него да биде поголемо, Свобода е вработен во чешката армија па од тамошното министерство за одбрана се кренала права врева.

Поради изјавата тој бил принуден да дојде во чешкото министерство за одбрана и да вети дека ќе го посети воениот полигон Либава на кој вежбале украински војници со цел да ја слушне нивната исповед.

„Војникот има обврска и вон службата да се однесува така за да не го загрози достоинството и доброто име на вооружените сили на Чешка“, рекол Павел Бенц, директор на атлетскиот клуб Дукла чиј член бил Свобода.

Од чешкото МО рекле дека се дистанцираат од изјавите на атлетичарот Давид Свобода „кој на ЧТ ги релативизирал и доведувал во прашање руските злосторства во Украина и поддржал учество на руските и белоруските спортисти на ОИ“, пренесува порталот seznam.cz.

Чешкиот Олимписки комитет се придружи на неколку други комитети кои не се сложуваат со ставот на Меѓународниот олимписки комитет кој предложи на руските и белоруските спортисти да им се дозволи да се натпреваруваат на ЛОИ 2024.

Самиот Свобода подоцна на Инстаграм делумно го коригирал својот првичен став и се извинил, па рекол дека „немал свој ден“.

1 април 2023 - 20:36