Овие скандалозни наводи прв ги објави германски Билд, уште во јануари во пресрет на почетокот на Зимските олимписки игри во Италија. Тогаш изби и скандалот со норвешката селекција во скијачки скокови која на Светскиот Куп токму во нивната земја нерегуларно ги зголемувала оделата за скокови при што им го подобрувала настапот на своите скокачи.
После текстот во Билд се огласи и првиот човек на Светската антидопинг агенција (WADA) Витолд Банка на конференција за медиуми.
„Скијачките скокови се многу популарни во мојата земја Полска, така што ви ветувам дека ќе ги проверам овие наоди“, рекол Банка, некако недоволно свесен за последиците од евентуално лажирање кај спортистите.
За сега нема никаде и никакви конкретни докази за вакво нешто пред ЗОИ2026 но научна основа постои. Со вбризгување хијалуронска киселина на пенисот со цел привремено да се зголеми неговата големина, на скокачите им се дава предност во поизразени гениталии во моментот кога нивните одела се мерат со 3D скенери.
Привременото зголемување на пенисот, теоретски би можело да значи дека спортистите ќе добијат поголемо, покомотно одело кое како едро кое го фаќа ветер би можело да овозможи подолги скокови. Истражувањето кое било објавено минатиот октомври 2025-а во научниот часопис „Фронтијер“ наведува дека промена од 2см на оделото претставува дополнителни 5,8 метри во должината на скокот што е запрепастувачки многу голема разлика.
Билд го цитирал доктор Камран Карим, висок консултант во болницата Марија-Хилф во Крефелд кој рекол: „Можно е да се постигне привремено, визуелно здебелување на пенисот со вбризгување парафин или хијалуронска киселина“.
На 15-ти јануари Светската антидопинг агенција им изрече забрани од 18 месеци на двајца тренери и менаџер на опремата на норвешката репрезентација во скијачки скокови откако е утврдено дека манипулирале со оделата на најдобрите скокачи со цел да стекнат предност.
Норвежаните Маријус Лудвик и Јохан Андре Форфанг, двајца освојувачи на олимписки медали добија тримесечни забрани откако тврдеа дека не знаеле за скандалот кој се случил на Светксиот Куп во Норвешка.
Тогаш „свиркач“ снимил како селекторот Магнус Бревиг и тренерот Адријан Ливелтен, техничар задолжен за одела, уфрлаат нелегални, забранети шавови во опремата кај препоните после претходна контрола на службените лица. Измените кои значеле измама биле скришно снимени зад завеса и анонимно поставени на Јутјуб. Тие измами служеле оделата да бидат поголеми и поаеродинамични со што би се овозможиле подолги скокови на натпреварот.