2017-та година е историска за македонскиот спорт според четири успеси во два спортови кои вреди да се издвојат. Нема потреба да ги споредуваме, туку само ќе ги повториме, ќе ги величаме и нема никогаш да ги заборавиме, бидејќи ни се случија за прв пат.
Овие четири моментуми мора да претставуваат стимул и за нив (актерите) и за нивните наследници дека во спортот може и треба да се верува во таканаречените „чуда“. Тие ги вратија насмевките, го наполнија стадион и ни го качија притисокот пред тв екраните.
РК ВАРДАР СТАНА ШАМПИОН НА ЕВРОПА
4-ти јуни 2017-та заслужува да биде издвоен како датум број 1 во историјата на ракометот, па и во македонскиот спорт воопшто. На тој ден хероите на Вардар се искачија на европскиот трон и им покажаа на помоќните од нив како се игра ракомет.
Нема навивач на Вардар на кој не му се врежани двата хичкок моменти на Фајнлфорот во Келн кои беа дело на двајца Хрвати. Првиот на Циндриќ против Барселона во полуфинале, вториот на Чупиќ за титула. И двата гола беа во финишот, кога ќе ти експлодира срце од возбуда.
Ден потоа се случи величествениот пречек на момците на Раул Гонзалес кои со двокатен автобус поминаа под триумфалната капија и го наполнија плоштадот.
МАКЕДОНИЈА Е ШЕСТА РАКОМЕТНА СИЛА НА СВЕТСКОТО ЗА ЈУНИОРИ
И вториот историски успех е врзан за ракомет, водечкиот спорт во Македонија на кој отсекогаш сме бележеле најдобри резултати. Македонската јуниорска селекција на Светското првенство во Алжир во конкуренција на 24 земји во светот, заврши шеста во свет.
Тоа е досега најголемиот успех кој сме го оствариле во екипните спортови на Светските првенства. 20 години рекордот го држеше женската ракометна репрезентација на Македонија која на Мундијалот во Германија заврши седма.
Едно голема браво за Милан Лазаревски, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриноски, Марко Нелоски, Марио Танковски, Мартин Томовски, Мартин Велковски, Мице Шилегов, Дарио Петровски, Филип Талески, Никола Даниловски, Филип Кузмановски, Горан Крстевски, Иван Џонов, Давор Палевски и Филип Арсеновски, како и за стручниот штаб предводен од селекторот Илија Темелковски кој во Европа не направи четврти, а овој пат шести во свет.
ФК ВАРДАР ВЛЕЗЕ ВО ЛИГА ЕВРОПА
Уште несмирени од врвната возбуда која им ја приредија ракометарите, адреналинот на навивачите на Вардар продолжи со фудбалерите кои имаа долго и незаборавно фудбалско лето.
Во годината кога ФК Вардар славеше 70 години од своето постоење, а Комитите 30, поубав подарок не можеше да добијат, а тој се вика пласман во групна фаза од Лига Европа.
Ова европско лето на Вардар ќе се памети долго не само поради самиот успех, туку и по исклучително тешкиот пат за да се стигне до таа толку посакувана цел.
Во квалификациите за ЛШ Вардарци го минаа Малме со вкупни 4:2, па беа елиминирани од Копенхаген со истиот резултат. Плејофот во ЛЕ беше полн погодок. Падна големиот фаворит Фенербахче на кој му се случи дебакл и тоа два пати. 2:0 во Скопје, 1:2 во Истанбул.
Во фазата по групи Вардар само се прошета, но собра непроценливо искуство од кое може само да научи како треба во иднина. Го загуби убедливо двомечот со Зенит и Реал Сосиедад, а со Розенборг таму пораз, дома реми.
МАКЕДОНИЈА У21 ИГРАШЕ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Тоа што повеќе од две децении сонувавме дека ќе го направат сениорите, ни го приредија нивните наследници кои на 17 јуни дебитираа во европското елитно друштво кое се собра во Полска.
Нашите надежи беа во многу тешка група со Шпанија, Португалија и Србија и си заминаа дома со два порази и нерешен резултат против нашите соседи, но искуството кое го доживеаа со пари не се купува.
Пласманот до првото Европско првенство го остварија убедливо со 21 бод и тоа пред една Франција која заврши втора со 20 бодови, Исланд трет со 19, Украина 12, Шкотска 8 и Северна Ирска 2.
Многу важен момент за репрезентативниот фудбал е тоа што најдоброто од оваа селекција веднаш заигра за сениорите кои имаат историска година за паметење со само еден пораз и најголем скок во светот на рангот на ФИФА:
бонус:
УЕФА СУПЕР КУПОТ НА ЕВРОПА СЕ ИГРАШЕ ВО СКОПЈЕ
И како за крај, некако не оди да го игнорираме настанот кој на некој начин може да се смета за успех на Македонија. Великаните Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед гостуваа на 8 август во Скопје и на арената Филип Втори го играа финалето од Супер Купот на Европа.
Скопје како домаќин блесна со кореографија достојна за еден ваков голем натпревар. Пред ѕвездите да излезат на терен, вниманието пред 30 илјадната публика го привлекоа играорците на фолклорните ансамбли „Блажевски“, „Етнос“, „Фолклор“ и „Куд Орце Николов“, како и децата со оштетен слух од училиштето „Партение Зографски“ кои со знаковен јазик ја изведоа „Sky full of stars“ од Колдплеј.