Македонската фудбалска репрезентација останува на 76-та позиција, на која беше и на ноемвриското рангирање, а тоа ја прави селекцијата со најголем скок во светот за 2017-та Македонија.
Ниту една друга земја оваа година не успеа да напредне на рангот на ФИФА, колку избраниците на Игор Ангеловски кои во изминативе 12 месеци благодарение на одличните резултати бележат скок од 86 позиции. Ако се сеќавате, во март годинава бевме 166-ти и тоа зад Косово.
Според напредокот во рејтинг поени, Македонија е четврта. Од декември минатата година до сега успеа да освои 308 поени, а трите земји во светот подобри од неа се Данска (456), Шведска (323) и Боливија (315).
Оваа година ќе биде за паметење поради два факти: Одличната и офанзивна игра на која инсистира селекторот Игор Ангеловски и скорот од 5 победи, 3 нерешени и 1 пораз, најдобриот во историјата на нашата репрезентација.
На врвот е светскиот првак Германија, потоа Бразил, Португалија, Аргентина, Белгија, а во топ 10 влегуваат уште и Шпанија, Полска, Швајцарија, Франција и Чиле.