Тешко се сумираат впечатоци од ова неверојатно фајнлфор лудило кое ни го приреди Вардар бидејќи не знаеме од каде да почнеме. Немавме ни 24 часа да сфатиме и анализираме каква чудесија од натпревар одиграа во полуфинале. Уште не слегнати впечатоците од тој меч, тие веќе го подигнаа пехарот.
Но една важна ствар, многу важна. Вардар не одигра само неверојатен фајнлфор, туку неверојатна сезона која делува нереална.
Си оди голем дел од една шампионска генерација со се тренерот, се случува тотална реконструкција, газдата најавува повлекување во најлош можен момент пред четвртфиналниот реванш, се повредуваат играчи, цела сезона играат без ебена плата...
Плус ЕХФ те отпишува од топ 10, а ти што правиш? Стануваш шампион во Македонија, шампион во СЕХА и шампион во Европа и тоа на најдрзок можен начин. Одиш во Келн веќе како големо изненадување, ти паѓа Барселона – фаворитот број 1 за трофејот, те води +7 на полувреме и те убива со жестоко темпо.
Во втор полувреме фаворитот го нема никаде, се губи и не знае како да го спречи вардаровиот вулкан кој не еруптира само во Јане Сандански, туку кај ќе стигне.
ЕХФ слободно нека си го изгравира овој статистички податок кој ќе остане историски:
Во последните 14 минути од полуфиналето меѓу Барселона и Вардар одиграно на 1 јуни 2019-та во Ланкес арена, Црвено-црните го потепаа каталонскиот гигант со серија од 10:2.
Ете затоа Столе и Карачиќ со потполно право изјавуваа во Келн „Ние сме Вардар“. Против Барса демонстрираа дрзок пресврт, а против Веспрем дрска предност која не ја даваа за жива глава.
Оваа “нереална“ сезона полна со проблеми Вардар ја најави уште на 15 септември 2018-та кога во прво коло го шокираше бранителот на титулата Монпеље и тоа на гости, а потоа и дома. Два од два имаа и против еден бундеслигаш како Рајн Некар.
Вардар има толку голем карактер што на поразот од Веспрем дома, одговори со иста мера и се врати победнички од тешкото гостување во Будимпешта. Два пати во групна фаза загуби само од Барселона, но никој нема да ги зборува тие два порази.
Нема ракометен стручњак кој не е зачуден и шокиран од оваа скопска ракометна бајка за која зборува цела Европа. Сретен Рашковиќ, кој е еден од феноменалниот коментаторско дуо на Арена за мкд.мк вели вака:
„Животот пишува романи, бајки, додека ги коментирав последните пет минути, се трудев да споредам што направи Лестер, што се случи во кошарката и кога... Можеби сум субјективен, но за мене ова е епска приказна, нешто со што скопјаните и Македонците треба да ги успиваат своите деца во наредните 40-50 години, ова искрено го кажувам, ми се полнат очите со солзи, но животот пишува драми“.
Пазете го пак „Вујо мајсторе“ до каде оди:
„Владата во Устав треба да стави дека Вардар не смее да го снема, дека мора вечно да биде спонзориран“.
Многумина бараат одговори, како на отпишаниот Вардар му успеа ова и од каде толку гориво?
Во Келн можеа да се забележат желба, карактер, муда, истрајност, заедништво...Веројатно има и уште нешто, но она што е евидентно и мора да се напомене тоа е искуството на овие јунаци кои три пати по ред се меѓу најдобрите 4 на континентот.
Раул да ти имал двајца желни помошници за докажување кои синоќа се судрија во финалето. Победи присебноста наспротив темпераментот. Дејвис скокаше покрај аут линијата, а во Парондо како да го гледавме Гонзалес.
Смирен, спокоен и спремен со план Б во џебот. Џинот Криштопанс кој слободно може да игра центар во НБА ја сотре Барса со 10 гола. Веспрем се исплаши од него и почна да го чува валкано со удари по лице, но тука се вклучи планот Б, а тоа беа пикерите. Столе се тегнеше и се потеше за простор, а Мораеш му правеше лобови на Штербик како на тренинг.
Не му ја спомнувајте на Вардар темата пари. Затоа што сезонава ги нема, а ги истребува тие што имаат најмногу. Ова е најинспиративната спортска приказна за која имаме привилегија да твориме и пишуваме.
Некако не ни се завршува на тастатура кога пишуваме за овие европски цареви кои цело Скопје ги чека со нетрпение. Вечерва сите на плоштад, Нека биде барем како преклани.