Уште еден убедлив пораз за ракометарките

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе уште еден висок пораз. Во второто коло од Европското првенство, Македонија загуби од Шведска со 26:15.

По поразот од Франција, нашите ракометарки загубија и од Шведска и шансата за пласман во следната фаза ќе ја бараме во последното коло кога се среќаваме со Данска.

Македонските ракометарки беа достоен противник само во првото полувреме, а Шведска одржуваше водство до 3 гола разлика. Во 26-та минута успеавме да намалиме на 9:8, но до паузата Швеѓанките си ја вратија предноста и на полувремето заминавме со резултат 11:8.

Грешките во нападот се повторија и во второто полувреме, но за разлика од првиот дел, Швеѓанките го намалија бројот на нивните грешки и загубени топки и константно го зголемуваа водството за на крајот да слават со 26:15.

Најефикасна во нашите редови беше Бајрамовска со 4 голови, а Андрејева одбрани 10 удари.

6 декември 2012 - 20:28