„Немојте да мислите дека немам повеќе амбиции. Уште сакам титули. Имам уште една идеја, да се натпреварувам со силен тим кој може да ја оствари таа идеја која ја имам, иако никогаш не знам што ќе биде во мојот живот“.
Можеби во овој цитат на Червар кој беше дел од едно интервју дадено лани во ноември, се крие заминувањето од репрезентацијата на Македонија. Го назначија за селектор на 17 мај 2016-та, а официјално се повлече вчера. Тоа не е ниту една година од договорените четири кои ги потпиша со РФМ.
Но колку и да се жалиме и да кукаме дека ја одбра Хрватска пред Македонија, сепак на Лино Черва прво треба да му кажеме едно големо благодарам за тоа што го направи за македонскиот ракомет, каде сè уште е неизвесно дали ќе остане како тренер на Металург.
Пристигна во Автокоманда во 2009-та година во клуб кој претходно знаеше што е Лига на шампиони само на телевизија и од Металург создаде врвен ракометен македонски бренд. Прво се зголеми конкуренцијата во македонскиот шампионат, а од друга страна градското дерби со Вардар стана мелем за очи, па и за уши во преполнетите сали кои грмеа на секоја нивна пресметка на сите фронтови: првенство, Куп, СЕХА лига, ЛШ.
И да реши по Македонија, оставка да си поднесе и во Металург, навивачите од Автокоманда тоа не треба да го сфатат трагично. Врвниот хрватски стручњак веќе 8 години е дел од лига во која повеќето клубови играат во потпросечни сали со една трибина, а пристигна како светски и олимписки првак со Хрватска.
На Металург му донесе 4 шампионски титули во домашното првенство и 3 Купа, а во сезоната 2011/2012 овој колектив во кој преовладуваа македонски репрезентативци, со него стана првиот машки ракометен клуб кој стигна до осминафиналето од ЛШ. Дека се работи за искусен стар волк, докажа следните две сезони кога ги однесе во Топ 8 фазата.
Во сезоната 2013/2014 во Борис Трајковски на колена паднаа гигантите ПСЖ и Барселона. Посебен за издвојување е оној голем историски триумф против големата Барселона кога се тресеше цела сала, а на нозе беа и новинарите кои се чудеа како е можно една Барселона да се поклони пред Металург.
Каталонскиот тим беше со амбиции да стане Европскиот првак, нешто што им успеа следната сезона, но Лазаров и Карабатиќ беа во втор план. Таа ноќ Червар ја постави одбраната како ѕид кој не се уриваше, а Циндриќ со 7, Георгиевски и Вугринец со по 6 и Миклуловски со 5 голови беа незапирливи во напад. Публиката во Борис Трајковски беше во целосен делириум.
Третиот огромен плус покрај трофеите на Металург во Македонија и историските успеси во Европа, е неговиот придонес во младинскиот сектор кој е важен и за репрезентацијата. Металург на совет на Червар отвори младинска академија распространета низ цела Македонија од каде очекуваме идни репрезентативци и веќе “создаде“ неколку големи таленти кои играат во сениорска категорија.
За успесите на Лино со Металург и за неговото богато педигре нема место за критика. Она што го прави малку горчлив вкусот на задоволството што имавме/имаме привилегија да го имаме е неговото брзо и неочекувано заминување од селекторската функција.
Се обврза на четири години работа, зборуваше за долгорочни планови како Олимписки игри во Токио 2020, импресионираше со пеењето на македонската химна на Мундијалот во Франција, но по само десетина месеци и кажа „бок“ на Македонија.
Следниот предизвик на Лино е златниот медал со Хрватска на ЕП следната година на домашно тло, успех кој им недостасува, а нашиот е да го избереме најдоброто на чело на репрезентацијата кое прашање е и дали ќе го најдеме.