Македонската спортска јавност, најсериозно од сите пати досега, му погледна во очи на крајот на РК Вардар, барем таков каков што го знаеме во последниве 6-7 години. Сергеј Самсоненко соопшти дека нема сили повеќе да го финансира клубот, дури и објасни како и зошто, згора на тоа се обиде да остави аманет на другите слични нему, по афинитет кон спортот и по длабочина на џебот, да го спасат наследството на доскорешниот европски шампион. Овој пат извикот за „доста“ беше во облик на соопштение, шест дена до виталниот дуел со Пик Сегед и 38 часа пред изборите за претседател на државата.
Нема дискусија дека ни овозможи да консумираме несекојдневни спортски моменти и успеси кои во Македонија се случуваат инцидентно и ретко. Сергеј Самсоненко дојде со цел и идеја и во најголем дел ги оствари. Се сеќавам на првата сезона, кога на шега лицитираа со години: „за три години женскиот Вардар ќе биде шампион, не, не за пет (рече друг) за машкиот ќе видиме, потешко е...“, беа коментарите на Сергеј и на тогашните тренери во РК и ЖРК.
Излезе обратно, но и во двата случаја името Вардар се вивна во ВИП-ложата на ракометните големци на Стариот континент, крунисувајќи го Скопје со епитет „европски главен град на ракометот“. Се уриваа логиките и се прегазуваше концептот за фаворит, се правеа чуда на терените низ Европа - народот се нахрани со спортска убавина.
Тој ментален албум со пријатни спомени нема да ни го избрише никој, но истовремено другите оддели на мозокот не може, а да не прашаат: Зошто баш сега господине Самсоненко? Мораше ли оваа писание да добие живот на денови до најважниот натпревар во сезоната? Зарем ова нема да ги разниша ракометарите и да прати по ѓаволите сѐ што се работело сезонава?
Ајде да дадеме кредит на зрелата професионалност на играчите и да претпоставиме дека веста оти од јули немаат работа ќе помине низ нив, ама зарем толку требаше да излезе на видело баш денеска, на ден и пол до изборите за претседател на Македонија?
Ова е држава каде што се дише политика и се политизира дишењето и ништо не е случајно! Како што кажа господинот Сергеј, дебелиот минус на сметката на Вардар три години го бодел во совеста и не се сомневаме дека тоа е така, ама баш на последниот ден од кампањата ли цифрите ја прелеаја чашата, па да мора сега да се „(конт)анимира“ јавноста?
Луѓето можеби некогаш знаат да бидат овци, но сигурно нема да ја заборават приказната за овчарот, кој лажно викал дека волк му го јаде стадото. Ова не е првпат Самсоненко да изјави дека си оди од Вардар, па потоа да се предомисли, затоа, кој гарантира дека по уште едно ракометно крешендо во Келн, на пример, нема да се смени песната?
Тимур Дибиров, неодамна, изјави, не е важно кој си оди, а кој останува, Вардар е бренд. Дај Боже да е така драг Тимуре, ама во Македонија патентиран е само личниот интерес. Затоа успесите ни се стихијни и франшизите цветаат додека некој го држи чешмичето отворено, а најчесто тој некој има политичка позадина, мотиви, цели итн. Спортот во Македонија е играчка за богатите, епизодна забава за народот и скршен сон за младите. Како стебленце, кое го притиснале да никне накриво и ние ќе си живееме со тој аномаличен циклус на повторање на успешни производи со краток рок на траење.