14-кратниот шампион на Франција по 21 одиграно коло во француската Лидл Старлиг е прв на табелата со 37 бода, два повеќе од милиони вредниот Пари Сен Жермен. Ривалот на Вардарци е неприкосновен во домашното првенство со 18 победи, 1 реми и 2 порази на пет кола пред крајот.
Монпеље е поранешен европски првак - Французите му се радуваа на пехарот од Лига на шампиони во сезоната 2002/03 и од тогаш наваму ниту една француска екипа не станала европски шампион. Ракометарите на Вардар имаат два меѓусебни дуели со Монпеље и тоа во сезоната 2015/2016 во групната фаза кога „црвено-црните“ два пати излегуваа како победници.
HISTORIQUE ! Le @mhbofficiel se qualifie pour le Final 4 de la Ligue des champions #FB sport pic.twitter.com/byPLN7NDtl
— France Bleu Hérault (@bleuherault) April 29, 2018
Станува збор за екипа составена претежно од домашни играчи, репрезентативци на Франција и од неколку странци: Диего Симонет (Аргентина), Јонас Трухановичиус (Литванија), Ајмен Туми (Тунис), Никола Портнер, Мариус Мај (Швајцарија), Вид Кавтичник (Словенија), Марко и Симоне Менгон (Италија), Мохамед Суси (Тунис), Мамду Ашем Шебиб (Египет).
Тренер на екипата е Патрис Канаје, 57-годишен Французин кој немал значајна играчка кариера поради што нема настапи за репрезентацијата. Во 1990-та ја завршил кариерата и четири години подоцна седнува на клупата на Монпеље каде се наоѓа веќе 24 години! Негови ученици биле Никола Карабатиќ, Жером Фернандез и Тиери Омеје.
На последното Европско во јануари годинава во Хрватска каде Франција заврши како третопласирана, Монпеље имаше четворица репрезентативци (Валентин Порте (27), Микаел Гигу (36), Бенџамин Афгур (26) и голманот Венсан Жерар (31). Речиси сите четворица се стандардни во составот на „Триколорите“.
Нивен најдобар стрелец во Лигата на шампиони сезонава е репрезентативецот на Франција Валентин Порте со 56 гола. Ричардсон Мевлин постигна 54 колку што има и одличниот Литванец Трухановичиус. Словенецот Вид Кавтичник даде 53 погодоци а Мишел Гигу има 47. Покрај нив, важни карики во составот се и Аргентинецот Диего Симонет кој со 32 гола сезонава во ЛШ имаше голем удел во пласманот на Фајнал Фор за Монпеље, како и Бенџамин Афгур.
Играат во „Монпеље Арената“ која секогаш е исполнета до последно место (капацитет 9.000). Имаат претежно возрасна публика и немаат организирана навивачка група која би ги бодрела како што го бодри фудбалскиот клуб Монпеље во Лига1.
Сезонава Монпеље во Лигата на шампионите почна од условно поскромните групи Ц и Д. Играа во групата Д заедно со нашиот Металург и уште четири други екипи.
Крајот од првата групна фаза го завршија со 8 победи и два порази (од Бешикташ дома и од Мотор Запорожје). Во првото коло со 32-22 (19-11) го победија нашиот Металург Најефикасен на таа средба беше ветеранот и некогашен француски репрезентативец Мишел Гигу со 6 гола од 6 удари. Металурзите го загубија и вториот меч, оној во Скопје кога Монпеље беше подобар со 21-27 (14-16).
Во осфминафиналето од Лигата на шампионите Монпеље направи право изненадување откако ја елиминираше Барселона (28:25 победа дома и пораз 30:28 на гости со гол на Симонет на 9 секунди пред крајот од мечот):
Правата сила Монпеље ја демонстрираше во четвртфиналето од ЛШ каде по ремито 28-28 со Фленсбург во Германија, на реваншот дома ги прегазија со 29-17.
Предводени од сјајниот Мелвин Ричардсон кој постигна дури 9 гола со поддршка од Трухановичиус (7 гола), Порте (4), Францзите се пласираа на првиот Фајнал Фор во историјата - и тоа заедно со уште две други француски екипи, Нант и ПСЖ како и со актуелниот европски првак Вардар. Фајнал форот се игра на 26 и 27 мај во Келн каде нашиот првак ќе има голема поддршка од трибините.