Висок пораз на Металург на тешкото гостување во Франција

По ланските два дуела во групната фаза, кои завршија со победа на Монпеље (28-18 и 30-24), тимот од Автокоманда ја загуби и трета меѓусебна пресметка во првото коло од новата сезона 2017/2018 во Лигата на шампионите.

Македонскиот вицешампион денеска го одигра првиот меч во јубилејната 25-та сезона во Лига на шампиони или вкупно 53-та откако постои ова натпреварување кое претходно го носеше името Куп на шампиони.
 
Металург оваа година по деветти пат и седми едноподруго е дел од елитата, во која влегува како најмлад тим, со просек од 21,9 години и со што го сруши ланскиот рекорд, кога имаше просек на играчи од 22,7 години.
 
Лино Червар и неговите ракометари беа свесни дека ќе биде тешко против еден од најголемите фаворити за освојување на првата позиција во групата Д, каде останати екипи се Чеховски Медведи, Бешикташ, Мотор Запорожје и Спортинг.
 
Разликата во класи меѓу младиот и неискусен состав на Металург и францускиот тим кој веќе долги години игра заедно, се виде уште во првото полувреме кое домаќините го добија со 19:11. Во еден период од првиот дел македонскиот тим 12 минути беше без постигнат гол.
 
Избраниците на Червар беа инфериорни во сите делови од играта и правеа многу технички грешки по кои следуваа казни преку брзи контри. Во вториот дел го подобрија впечатокот со играта и ја намалија високата предност на Монпеље, кој на крај сепак ја докажа моќта и победи со 32:22.
 
Најпрецизен поединец кај Металурзите беше 19 годишниот Халил Јагањац со 6 погодоци. Се работи за талентиран бек шутер и кадетски репрезентативец на Хрватска кој игра на левата бековска позиција и кој летово направи трансфер од ПСЖ.
 
Веднаш зад него на листата на стрелци се Филип Кузмановски со 5 и Велковски и Пешевски со по 4 погодоци.
 
Во следното 2. коло Металург го пречекува Бешикташ.
16 септември 2017 - 19:09