Монпелје допатува во Македонија без првотимците и подобри играчи во составот, Греби, Фабрегас и Симонет, но ниту тоа не беше пречка да демонстрираат врвен ракомет.
Металург им парираше на фаворизираните гости од Франција, но борбеноста не им донесе сензација. Монпелје по вечерашниот триумф има неверојатна низа од седум победи на седум натпревари.
Мечот започна со водство на францускиот вицепрвак од 0-2 а „Металурзите“ се израдуваа на првиот гол после пет минути игра и тоа со седум играчи во поле.
Свесноста дека нема што да загубат а можат многу да добијат како да ги мотивираше ракометарите предводени од Јовиќ да стигнат до првото израмнување во 17. минута преку нивниот најдобар играч досега сезонава Халил Јагањац.
Општ впечаток беше дека на теренот гледавме израмнет ракомет, се играше наизменично гол за гол а последен пат на семафорот стоеше нерешено 12-12 после 24 минути игра. Монпелје тогаш како да стави во петта брзина и со пар експресни голови се одлепи на (13-16). Јовиќ тогаш свика тајм-аут, смисли добар напад после кој неговите момци дадоа гол за 14-16 на паузата.
Во вториот дел немаше брзи голови како во првите 30 минути а домашниот стратег инсистираше на игра 7-6 без голман. На десет минути пред крајот Металург имаше можност да израмни но гостинскиот голман Жерар бранеше на високо ниво.
На крајот конечни 21-27 за Монпелје во чии редови најдобри стрелци беа Теофил Кос и Валентин Порт со по шест гола, Мишел Гигу даде пет а Жерар мечот го заврши со 14 одбрани. Кај Металург Жарко Пешевски, Божо Анѓелиќ и Халил Јагањац дадоа по пет гола.
Во следната рунда од групата Д Металург ќе гостува кај турски Бешикташ на 18. ноември.